Добрососедските односи не ги измисли Бугарија, тоа е основен услов и критериум за членство во ЕУ. Македонија мора да се придржува и да го исполнува Договорот за пријателство и добрососедство кој го потпишавме, вели бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева.
– Гоце Делчев е едно од многуте прашања што треба да се решат. Ние инсистираме на добрососедство, што е критериум за членство којшто не го измисли Бугарија, туку е европско – што треба да се набљудува во рамките на преговарачката рамка – вели Захариева.
„Повеќепати повикувавме да се вратат кон исполнување на договорот. Веќе има контакти меѓу членовите на Мешовитиот комитет за историски прашања. Неговата работа беше запрена еднострано од Скопје пред една година“, изјави шефот на бугарската дипломатија за БТВ.
На прашањето за одржување на првата меѓувладина конференција за почеток на преговори меѓу Македонија и ЕУ, Захариева вели: „Сè уште сме во процес на разговори за преговарачката рамка во европските работни групи, таа дури не го достигна нивото на амбасадори“.
Таа очекува нејзиниот колега Бујар Османи да ја посети Бугарија следната недела.
„Историјата мора да биде признена каква што е. Ова не се работи за илјадници години, има доволно напишани автентични историски извори”, додава Захариева.