Фото: Игор Бансколиев

И епидемиологот Драган Даниловски потврдува дека поради карантините, носењето маски и социјалните дистанци се потиснаа сите други респираторни вируси, па затоа сега се покачил нагло бројот на респираторни зарази, меѓу кои и настинките предизвикани од респираторните синцицијални вируси

ТИМ ОД ЕКСПЕРТИ ГИ ИСТРАЖУВА СЛУЧУВАЊАТА ВО БОЛНИЦАТА ВО ГЕВГЕЛИЈА

Заспаниот имунолошки систем е причина за појава на горни и долнореспираторни вируси кај децата во овој период. Изминатава година децата беа дома, не се движеа меѓу други деца, како што вообичаено се пренесуваат сите вируси и бактерии што се поминуваат сезонски. Ова вчера го потврди докторката Аспазија Софијанова од Детската клиника во Скопје, која заедно со тим од неколку специјалисти од клиниката за педијатрија прави скрининг во гевгелиската болница, поради зачестените респираторни инфекции кај децата во овој град.
– Дали се работи за респираторен синцицијален вирус ќе се докаже со респираторен панел, чии резултати ги очекуваме. Добро е што алармиравме и ги очекуваме деталните резултати – посочи таа.
Само за еден месец, во болницата во Гевгелија, лекарска помош побарале 50 деца и бебиња со симптоми за респираторни инфекции што не се специфични за овој период од годината.
Од болницата информираа дека тие досега ги презеле сите здравствени протоколи за третман на младите пациенти, но поради неспицифичноста на самите инфекции што се појавиле во топлиот период, а кои се карактеристични за есен и зима, потребни се дополнителни анализи.

Во моментов во болницата во Гевгелија се хоспитализирани само две бебиња, поради возраста, а дваесетина деца се на терапија, но тие не се задржани во болница.
И епидемиологот Драган Даниловски потврдува дека поради карантините, носењето маски и социјалните дистанци се потиснаа сите други респираторни вируси, па затоа сега се покачил нагло бројот на респираторни зарази, меѓу кои и настинките предизвикани од респираторните синцицијални вируси.
– Тоа е забележано во Австралија и во Нов Зеланд. Така ќе биде и на северната полутопка по летото. Избувнувањата ќе спласнат штом кај децата ќе се воспостави колективен имунитет. Значи, ништо страшно. Логична масовна постковид-последица – посочи епидемиологот.
Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека кај децата во Гевгелија на ПЦР-тестовите не е докажан САРС-КоВ-2 и дека ќе се испитува за што се работи.
– Зборував со директорот на болницата во Гевгелија, кој ми даде повеќе информации, за 20 деца што доаѓаат во дневната болница. Затоа испративме тим од специјалисти, педијатар, докторка од пулмологија, како и кардиолог од Детската клиника, да одат и да поразговараат со нивните колеги во болницата, зашто, како што кажа директорот, малку се неспецифични таква слика и болести нетипични за овој период во годината, туку се типични за есенските месеци. На ПЦР-тестовите не е докажано присуство на САРС-КоВ-2, но мора да знаеме за што се работи. Ќе видиме дали ќе треба да се направат дополнителни брисеви. Ќе знаеме точно за што станува збор. Немам информација за ваква појава за друг град – рече министерот.
Директорот на детската болница во Козле, Бесник Зеќири, потврди дека имаат наплив од деца со вирусни и бактериски инфекции на горните и долните дишни патишта, но посочи и дека не е забележано нешто неспецифично во симптомите или во нивните клинички слики.

– Не знам што се случува во болницата во Гевгелија. Тоа ќе го утврди тимот што ќе ја анализира состојбата. Примаме деца од целата држава, евидентно е дека бројката на деца е зголемена од други години, особено во овој летен период, но се работи за исти инфекции, вирусни или бактериски, кои се присутни секогаш -посочува тој.
Во моментов во болницата во Козле се хоспитализирани околу 40 деца.
– Некои се со горно и долнореспираторни инфекции, а имаме и деца со гастроинтестинални симптоми, како стомачни вируси. Сите лабораториски анализи покажаа дека се работи за познати вирусни и бактериски инфекции -посочи тој.
Според него, секојдневно амбулантски имаат по 50-60 деца на преглед и на контрола.
– Во друг период имавме до 30 деца на преглед, но сега нивната бројка е зголемена – додава директорот.
„Асошиејтед прес“ пишува дека неодамнешното појавување на вирус од кој обично заболувања на децата во поладни месеци ги збунило и американските педијатри и ставило многу новороденчиња во болница со проблематична кашлица и проблеми со дишењето.
– РСВ, или респираторен синцицијален вирус, е честа причина за симптоми слични на настинка, но може да бидат сериозни кај доенчиња и постари лица. Случаите драматично опаднаа минатата година, кај луѓето што останаа дома и беа на социјално растојание, но почнаа да се зголемуваат бидејќи се олеснуваа пандемичните ограничувања – пишуваат странските медиуми.

[email protected]