Голем број меѓународни, но и домашни организации со години укажуваат на проблемите поврзани со корупцијата на локално ниво. Во интерес на јавноста и во контекст на ваквите најави, нашиот весник изготви своевиден патоказ или водич како да му се застане на патот на ова најголемо општествено зло на денешницата
ПРВА ЗАДАЧА ЗА ЛОКАЛНИТЕ ВЛАСТИ ПО ИЗБОРИТЕ
Локалните избори завршија и избраните градоначалници и советници ги чека многу работа и решавање на проблемите и барањата на граѓаните. Впечатливо е што во екот на кампањата голем акцент, меѓу другото, беше ставен и на борбата и искоренувањето на корупцијата на локално ниво. Во интерес на јавноста и во контекст на ваквите најави, нашиот весник изготви своевиден патоказ или водич за борба против корупцијата, како најголемо општествено зло на денешницата. Констатацијата на експертите е дека просторното и урбанистичко планирање, каде што интересот на јавноста е најголем, се најчувствителната точка кога станува збор за корупцијата на локално ниво. На ова укажуваат и од Конгресот на локални и регионални власти при Советот на Европа, односно дека, меѓу другото, во земјава мора да се засили и антикорупциската борба во општините. Во оригиналниот извештај од Советот на Европа, освен тоа што се вели дека се потребни појасни законски и практични решенија заради подобрување на реформата на децентрализацијата, се потенцира и дека е неопходно локалните заедници, со помош на централната власт, да ги развиваат механизмите за борба против корупцијата.
Актуелниот заменик-министер за локална самоуправа Зоран Димитровски, кој со своето онлајн обраќање неодамна беше вклучен во сесијата на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа, каде што на дневен ред беше извештајот од мониторингот на Европската повелба за локална самоуправа во Македонија, остави впечаток дека разбрал во што е проблемот.
– Исклучително сме свесни за улогата на Конгресот на локални и регионални власти и за нас се многу важни извештаите и препораките што произлегуваат од вашата работа, како врвен стандард во самооцената до каде сме и на што треба да се фокусираме во наредниот период – рече тој.
Но најповиканите, односно градоначалниците и советниците како да ги игнорираат проблемите поврзани со корупцијата во единиците на локалната самоуправа, кои, според упатените, не се ништо помали во однос на тие на државно ниво и поради кои, пред сѐ, централната власт постојано е изложена на критики, како од домашната јавност така и од меѓународните организации и институции.
Една од организациите што го воочија проблемот е и Центарот за граѓански комуникации, кој на почетокот од месецов ги достави предлог-мерките за стеснување на просторот за корупција во бесправното градење до надлежните институции и медиуми во земјата. Мерките беа предложени и дискутирани на третата работилница, која ја организираше центарот во текот на септември. Предложените мерки главно се во насока на: засилување и заострување на инспекциските контроли; поефикасно справување и санкционирање на проблемот со бесправните градби, како и зголемување на свеста за ризичноста и бесперспективноста на бесправното градење.
– Потребата од преземање на мерките доаѓа од широкиот простор за корупција во бесправното градење и урбанизмот на што сугерираат: илјадниците бесправни градби, високиот процент нереализирани решенија за уривање на бесправно изградени објекти, како и големото учество на станбени и деловни згради меѓу дивоградбите, што говори дека станува збор за нелегален бизнис, а не за решавање индивидуални станбени прашања – се вели во извештајот од работилницата, на која свои експертски мислења од оваа област изнесоа експертката за антикорупција Вања Михајлова и архитектот Мирослав Грчев, како и претставници од Сојузот на стопански комори на Македонија, Државната комисија за спречување на корупцијата, Општина Ѓорче Петров, Заедницата на единици на локална самоуправа, Град Скопје…
Истиот проблем, како приоритетен, го посочија и од Институтот за човекови права.
– При анализата на правната рамка на локалната самоуправа, од перспектива на можности за корупција, како појдовна точка треба да биде одговорот на прашањето дали Законот за локална самоуправа, но и другите прописи што се релевантни за функционирање на локалната власт обезбедуваат транспарентност, отчетност и одговорност за носителите на јавни функции. Иако локалната власт треба да е најблиска до граѓаните, искуството говори дека партиципацијата на граѓаните во креирањето на политиките од локално значење и во нивното спроведување е многу мало. Тоа е највпечатливо во делот на донесувањето на одлуките поврзани со просторното и урбанистичко планирање, каде што интересот на јавноста е најголем, а јавните анкети за урбанистичките планови се сведуваат на формалност – се вели, меѓу другото, во анализата на институтот.
На корупцијата на локално ниво постојано укажуваат и редица други независни експерти, но само некои од нив ја лоцираат и причината за овој проблем.
– Ние имаме проблем со тоа што никако да ја елиминираме докрај можноста за паралелното вршење јавна функција и на функција во некое од профитабилните приватни претпријатија. Можноста за паралелно вршење на градоначалничката функција и за поседување профитабилна организација или претпријатија, како што на пример се случува кај нас, е најдобар пат кон корупцијата – објаснува експертката за локална самоуправа Гордана Силјановска.
Наспроти суштинските промени, кои, како што оценуваат и експертите, се неопходни за надминување на овој проблем, властите, како на централно така и на локално ниво, постојано ги применуваат формалните механизми. Еден од нив е и неодамнешната обука на 36-те општински службеници, во рамките на програмата со која требаше да се стекнат со потребни знаења и вештини за тоа како да се зајакне отпорноста кон корупција преку зајакнување на индивидуалниот и институционалниот интегритет во општините. Програмата ја промовираа претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, и шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која. Д.М.М.