Иако поради високите температури е евидентно намалувањето на нивото на водата на повеќе реки и водотеци низ државата, засега нема опасност од недостиг од пивка вода. Хидролозите велат дека воопшто не се загрозени Рашче и Студенчица, бидејќи за да се случи тоа, потребен е повеќегодишен сушен период. Сепак, пожарите што се случуваат во близината на изворишта може да предизвикаат физички и хемиски промени на квалитетот на водите
И ПОКРАЈ ВИСОКИТЕ ТЕМПЕРАТУРИ И МОМЕНТАЛНИТЕ ПРИРОДНИ НЕПОГОДИ ВО МАКЕДОНИЈА
Периодов со изразито високи надворешни температури значително влијаеше и на зголемена потрошувачка на водата, па во некои населени места имаше и недостиг од вода за пиење. Деновиве реагираат жителите на Кучково дека се соочуваат со недостиг од вода. Речиси секое лето тетовци исто така имаат проблем со водоснабдувањето, додека, пак, жители од повисоките зони на некои градови се соочуваат со рестрикциите. Евидентно е и намалувањето на водостоите на реките, а деновиве битолчани тврдат дека реката Драгор, која минува среде Битола, пресушува. Ваква суша битолчани одамна не паметат, иако летните месеци отсекогаш биле критични за оваа река. Планинари велат дека е лоша состојбата и со водотеците и реките на Пелистер, како што се Сапунчица, Лак Поток, Црвена Река, Клисурица… Хидролозите велат дека пресушување на помали реки е можно на овие високи температури, како и на помали извори, што, пак, може да резултира со недостиг од вода, но смируваат дека нема опасност за оние поголемите водотеци, бидејќи за да пресушат тие, потребен е повеќемесечен или повеќегодишен сушен период.
Топлото време секако дека влијае на намалувањето на нивото како на реките, така и на изворите. Но нема место за паника, бидејќи со овие неколкудневни изразито високи температури нема да дојде до намалување на штедроста на изворите. Потребен е повеќемесечен или повеќегодишен ваков сушен период за да се случи намалување на водостојот на реките до некој минимум, а ние сметаме дека уште не е дојден тој врв. Доколку овие високи температури продолжат и во текот на септември, како што беше случај и минатата година, тогаш може да очекуваме дека некои реки ќе го достигнат својот минимум. Но мора да се каже дека на дел од реките има и вештачко влијание за намалување на нивниот водостој, доколку во погорните сливни подрачја водата се троши за наводнување, бидејќи реално е потребна вода и за земјоделските површини. Поради високите надворешни температури, секако, се троши и водата за пиење, бидејќи и потребите се поголеми. Можно е да снема вода за пиење во деловите каде што и изворите за снабдување се помали, постои опасност тие да пресушат – објаснува Атанас Угрински, советник во секторот хидрологија во Управата за хидрометеоролошки работи на Македонија.
Тој додава дека нема опасност по Рашче и Студенчица, бидејќи за да се случи тоа, потребен е повеќегодишен сушен период. Угрински вели дека имало и други лета со подолги сушни периоди, можеби не со толку високи температури, но досега не се случило тоа. Исто така можно е да пресушат и бунарите со помала штедрост. Ако продолжи ваквиот период на топло време, тогаш сигурно ќе пресушат суводолиците и помалите реки.
Еве, веќе за денеска се очекуваат некои врнежи, но тие ќе бидат локални и нема многу да влијаат. За самите извори, најбитен е снегот, добро ќе беше тој да не се стопеше наеднаш во мај, кога исто така имавме еден период на топло време, туку полека да се топеше, постепено до јуни, за да се хранат изворите. Но температурите си го прават своето – нагласува Угрински.
На намалени количества на вода се жалат и од АД „Водостопанство“, но не сметаат дека состојбите се алармантни.
Температурите влијаат и врз намалувањето на водостојот во каналите, но се трудиме да дистрибуираме вода секаде каде што е потребно. Има пресушени помали канали, но тоа не е од суштинско значење. Нема посериозни проблеми, бидејќи овие високи температури не траат долго. Ако продолжат до 15 или 20 август, тогаш ќе биде друга ситуација. Сега Калиманци и Тиквеш имаат доволно вода, меѓутоа реките се намалени каде што се наводнува и се испумпува вода и поради тоа не доаѓа вода до пумпните станици. Генерално, немаме посериозни проблеми, но системот е мошне стар и потребни се огромни инвестиции за негово обновување, инвестиции во милиони евра, промени во системот што бараат огромна реконструкција. Но имаме и голема помош од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Преку Програмата за водостопанство годинава добивме 110 милиони денари, кои ќе ги реализираме до крајот на годинава, а се набавија и резервни делови за системите. По 15 септември ќе продолжиме со чистење на каналите – потенцира Васко Стефанов, директорот на АД „Водостопанство“ на Македонија.
Какво е влијанието на пожарите врз водните ресурси
Освен температурите, по водените ресурси закана се и актуелните пожари, кои може да предизвикаат промени во квалитетот на водата на извориштата што се во нивна близина.
Во принцип, пожарите и сите несреќи/ хаварии, доколку се случуваат во близина на изворишта, може да предизвикаат физички и хемиски промени на квалитетот на водите. Иако пожарите првенствено дејствуваат на површинските, придружни инфраструктурни водостопански објекти, тие исто така влијаат и на површинските и на подземните води и изворите, при што е можно да предизвикаат физички и хемиски промени на квалитетот на водите, појава на талози, суспендирани честички и влијанија врз исправноста и квалитетот на водата. Оттука, за овие подрачја е потребна проверка на исправноста на водата за користење, особено на квалитетот на водите во изворите и бунарите. Квалитетот на водите го контролираат санитарната инспекција, Агенцијата за храна и ветерина и службите на јавните комунални претпријатија.
Од друга страна, во однос на површинските водни текови, ваквата нарушена состојба на квалитетот на водите дејствува врз биолошката разновидност и нарушување на биолошката рамнотежа во водните екосистеми. Дополнително треба да се има предвид дека водата што се користи за гаснење вакви големи пожари во најголема мера се црпи од околните водни тела, за сметка на што е можно нарушување на нивната биолошка рамнотежа, а се врши и дополнителен притисок врз водниот биланс – велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Експертите за води, пак, во врска со состојбите со пожарите алармираат на една друга опасност што може да се случи доколку има силни дождови.
Кога се гледаат штетите од пожарите, не треба да се гледа само како штета колку дрвна маса е уништена, колку шума е изгорена, бидејќи последиците по екосистемите се десеткратно поголеми. Тука, секако, особено е важна заштитната улога на шумите во борбата со климатските промени. Но на опожарените места ако падне силен дожд на таа почва, како што е случајот со Кочани, може да предизвика големи наноси. Дали сето тоа од пожарите ќе влијае на загадување на водите повеќе ќе кажат од УХРМ и од Министерството за животна средина – вели професор д-р Иван Блинков од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг.