Фото: Игор Бансколиев

Вонредните околности наметнуваат вонредни решенија, во кои сите засегнати страни активно треба да партиципираат заради заедничкиот интерес. Изминатиов период училиштата се подготвуваа за новиот начин на настава. Се дезинфицираа клупи, столчиња, подови, темелно се чистеа училишните тоалети. За децата и вработените што ќе одат на училиште се изработени посебни протоколи, кои ќе мора секојдневно да се почитуваат…

ОД ДЕНЕСКА 300.000 УЧЕНИЦИ СЕ ВРАЌААТ ВО СВОИТЕ ВИСТИНСКИ И во ВИРТУЕЛНИ УЧИЛНИЦИ

Започнува една сосема поинаква нова учебна година од денеска во училиштата низ државата, која првпат во историјата е организирана во вонредни околности поради пандемијата на ковид-19. Околу 300.000 основци и средношколци и околу 20.000 наставници од денеска се враќаат на настава, во над 1.000 училишта во земјата.
Учениците (но не сите) од прво до трето одделение ќе учат со физичко присуство во училница според строго утврден протокол за таа намена, а другите ученици во повисоките одделенија ќе учат од дома, во виртуелна училница, со помош на националната платформа за настава на далечина, која сѐ уште е во фаза на изработка и во моментов е во тест-период.
Училиштата изминатиов период се подготвуваа за новиот начин на настава. Се дезинфицираа клупи, столчиња, подови, темелно се чистеа училишните тоалети. За децата и вработените што ќе одат на училиште се изработени посебни протоколи, кои ќе мора секојдневно да се почитуваат. На секое дете и вработен, при влез во училиштето, ќе им се мери телесната температура и ќе мораат задолжително да ги дезинфицираат рацете, а училниците ќе мора редовно да се чистат и проветруваат.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат, но и Државниот просветен инспекторат ќе следат како се одвива наставата и дали се почитуваат правилата.
Учениците ќе јадат во училницата, а еден наставен час ќе трае 30 минути во основното, односно 35 минути во средното образование. Ако има дете или вработен со симптоми на ковид-19, има посебна просторија во која тие ќе бидат сместени додека не бидат спроведени на тестирање. За тоа дали во таков случај во карантин ќе оди целото одделение или не, процена ќе прави епидемиолог.
Годинава речиси сѐ е ново во однос на образованието, но она што е впечатливо, се учениците кај кои има премин во нова средина и во ниво на образование.

Такви се шестоодделенците, кои отсега ќе имаат 12 нови наставници наместо досегашните една или две наставнички, но се принудени истите тие да ги запознаат и да ги слушаат на нивните предавања онлајн, а голема промена има и кај учениците што сега се прва година во средно образование, за кои исто така учебната година започнува онлајн. Овие ученици своите класни раководители ќе ги запознаат онлајн, преку Мајкрософт тимс, а учениците во прва година на истиот начин ќе ги запознаат и своите соученици.
Во врска со оценувањето на учениците, Бирото за развој на образованието планира да се спроведува комбиниран начин на оценување. Ќе се следи работата на ученикот на далечина, но и на повремени средби, кои ќе се случуваат во училиштето со наставникот. На тие средби, кои ќе се прават во договор со наставниците, ќе се врши и проверка на знаења на учениците.


Какви се очекувањата и која е целта на националната платформа?

За да нешто стане перманентно, прво би требало да биде факултативно. Тоа не е случај со националната платформата за далечинско учење, која станува дел од нашиот образовен систем наеднаш, а која експертите од Факултетот за информациски науки и компјутерско инженерство ја изработија само за неколку недели. Но вонредните околности наметнуваат вонредни решенија во кои сите засегнати страни активно треба да партиципираат заради заедничкиот интерес.
„Нова Македонија“ ги праша надлежните во Министерството за образование и наука какви се нивните очекувања од националната платформа за учење на далечина и кои ќе бидат придобивките и целта. Оттаму одговорија дека нејзиното воведување е голем предизвик.

– Македонија мора да се приспособи на новото време и сите сегменти мора да бидат адаптирани да функционираат и во вонредни околности и услови. Тоа е случај и со образованието. Секако дека воведувањето на националната платформа е предизвик за нашата земја, бидејќи досега не постоела воопшто ваква форма на настава. Свесни сме за можните предизвици и подготвени сме соодветно да одговориме. Ова е чекор кон значително осовременување на македонскиот национален образовен систем, кој полека фаќа чекор со европските стандарди за квалитет во оваа сфера – велат во МОН.