Фото: Архива

Според аналитичарите, битката за ресурси, почнувајќи од енергенти – струја, гас, горива, па сѐ до храна ќе биде толку жестока, што не се исклучува опасноста судирите на земјите да се развијат во кризи од огромни размери. И Македонија како и светот веќе ги чувствува недостигот и последиците од глобалните случувања и е во потрага по решенија. Стравувањата, пак, се дека во една ваква остра и страшна битка за ресурси и храна „подебелиот“ крај на стапот ќе го извлечат посиромашните држави

НА ПОВИДОК НОВА КРИЗА ПООПАСНА И ОД ПАНДЕМИЈАТА

Животот со пандемијата, која трае веќе подолг период, создаде несакана клима, во која светот се соочуваа со опасност од недостиг од храна и енергенти. Во пресрет на зимата, која според многумина ќе биде најголемиот тест за државите, веќе започна и битката за ресурси, почнувајќи од енергетските и горивата, па завршувајќи со храната.
Американскиот магазин „Блумберг“ информира дека ако минатата зима беше тешка со корона-кризата, тогаш претстојната ќе биде уште подраматична, бидејќи сега освен што државите ќе се борат со пандемијата, нивните интереси ќе се судрат и во процесите за прибирање на ресурсите, кои сѐ помалку ги има во општествата. Американскиот магазин прогнозира дека битката за ресурси ќе биде толку жестока, што не се исклучува опасноста судирите на земјите да се развијат во кризи од огромни размери.
За истата тема, интернет-порталот „Геополитика“ додава дека глобалниот развој на состојбите поврзани со прибирање на ресурсите се очекува да добие динамика особено на просторот на Европа. Тоа, според медиумот, најмногу може да се препознае во британскиот случај, каде што во продавниците полиците се без храна, а на бензинските пумпи веќе подолг период немаат доволно гориво за да се задоволат потребите на тамошното населението.
Во меѓувреме, метеоролозите навестуваат дека е можно да ни се случи сценарио со многу ниски температури на Стариот Континент, што ќе придонесе да има голема криза во потрага по енергија.

Потрагата по обезбедување електрична енергија наголемо е активна во сите делови од планетата изминатиот период. Можеби најевидентен пример е оној во Кина, каде што тамошните власти месецов им наредија на државни компании да сторат сѐ за да обезбедат снабдување со енергија во доволни количества по секоја цена.
Владата во Пекинг дополнително им порача на тамошните производители на јаглен да работат со полн капацитет, дури и ако ги надминат годишните ограничувања на квотата.
Слично како Кина и европските земји се соочуваат со недостиг од енергенти, кои во форма од природен гас во Европа пристигнуваат од страна на Русија. Имено, Владата во Холандија, која важи за најголема држава што има свои земјоделски оранжерии, анализирајќи ги можните последици од недостигот од енергија, за да ги заштити земјоделците неодамна дозволила субвенционираните фармери да го намалат планираното производство на зеленчук и овошје, а со тоа и да се намали извозот на храна од оваа земја во остатокот на Европа.
Во Франција, пак, претседателот Емануел Макрон најави дека ќе го блокира зголемувањето на регулираните тарифи за гас и ќе ги намали даноците во државата, за да може да се ублажи незадоволството на населението, кое ќе дојде по шокот од недостигот од енергенти оваа зима.
Во Америка и во Русија, пак, екстремните временски услови, исто така, го заоструваат светското снабдување со пченица и ги намалуваат резервите на производи и производство наменето за светскиот пазар.

Експертски прогнози

Американскиот аналитичар Мајкл Винфри во својот осврт на актуелните случувања додава дека по лоша зима под вирусот, следниот проблем што треба да го решат владите, кои веќе се напрегаат под економските трошоци за борба против пандемијата, е битката за животни и енергетски ресурси.
Аналитичарот вели дека токму недостигот од ресурси е причината поради која е загрижено британското разузнавање дека на Британија ѝ се заканува анархија, доколку состојбите се влошат драстично на терен.
Слично размислува и чешкиот универзитетски професор Михал Вит, кој во изјава за „Нова Македонија“ вели дека хаосот во политиката и дипломатијата на меѓународно поле, кој беше евидентен во изминатиот период откога е активна пандемијата, дава солидна основа да веруваме дека на глобално поле може да следува и нова криза, која ќе биде поопасна од здравствената.
Професорот нотира дека во едни вакви околности, кога има повеќе глобални сили што го диктираат светскиот поредок, сосема е логично да се претпостави дека е возможно да се очекува остра страшна битка за ресурси и храна, во која „подебелиот“ крај на стапот ќе го извлечат посиромашните држави.
Вит предвидува дека е возможно со енергентите да се „одигра“ истото сценарио што се одигра со вакцините, во кое силните земји ќе си ги задоволат своите потреби од енергија, храна и горива, а сиромашните ќе бидат оставени сами да се снаоѓаат и да молат за донации.

Ризици од енергетска сиромаштија во Македонија

Во контекст на актуелните случувања, за нотирање се информациите дека илјадници граѓани низ Македонија и оваа зима можеби нема да можат да си дозволат соодветно загревање во своите домови, бидејќи ќе имаат проблем со плаќање на сметките за затоплување и енергија.
Според податоците на Евростат од 2018 година, Македонија е на трето место во Европа според бројот на население што не може да го задржи домот соодветно загреан според статусот на сиромаштија. Речиси 25 отсто од македонските граѓани изјавиле дека не можат да ги загреат своите домови соодветно, во споредба со просекот во ЕУ, кој е 7,3 отсто.
Натаму, новото истражување на организацијата „Клајмет Хералд“ истакнува дека загрижувачки голем дел од населението во Македонија се соочува со енергетска сиромаштија, во услови на висока стапка на невработеност, сиромаштија и социјална исклученост, поради што многу граѓани не се во можност соодветно да ги загреат своите домови, да приготват храна или да ја одржат личната хигиена.
Од друга страна, претставниците на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) летоска најавија дека е направена иницијатива, која е прифатена од Владата, за да се формирана работна група што ќе најде конкретен начин како да им се помогне на ранливите категории потрошувачи на енергенти, кои се соочуваат со енергетска сиромаштија, како и да се зголеми опсегот на ранливите категории потрошувачи.
Од Владата се посочува дека се работи на решавање на состојбите, а по завршувањето на анализата, ќе бидат поставени критериуми врз основа на кои ќе биде утврдена листа на луѓе што ќе влезат во оваа категорија, на кои треба да им се помогне, а потоа за оваа намена ќе биде направена финансиска процена и ќе биде доставена предлог-ставка во буџетот.

[email protected]