Идејата за голема Албанија деновиве е на насловните страници на швајцарскиот дневен весник „Блик“, додека на истата тема пишува и германскиот весник „Бадише цајтунг“
Швајцарскиот и германскиот печат деновиве повторно се занимаваат со темата прекројување на границите на Балканот, а со тоа и на Македонија, како и за можната размена на територии меѓу земјите од регионот. Идејата за голема Албанија деновиве е на насловните страници на швајцарскиот дневен весник „Блик“, кој во своја анализа посветена на оваа проблематика предупредува дека противниците на оваа идеја за прекројување на постојните граници на Балканот со страв ги следат чекорите на експресното приближување меѓу Албанија и Косово, особено по изјавите што ги споделуваат политичарите од двете земји речиси синхронизирано во периодов. Реномираниот весник пишува дека засега сето ова е незабележано од меѓународната заедница, а Приштина и Тирана со „гигантски чекори“ експресно ги доближуваат териториите што во поголем дел се населени со албанско население.
– Предлогот за заеднички претседател на двете земји лансиран во јавноста пред извесно време експресно исчезна некаде по фиоките во канцелариите на Приштина и Тирана, но откако се појавија критиките на меѓународната заедница за таквата идеја. Во исто време, создавање заедничка царина веќе е реалност и е спроведено од страна на двете влади. А укинувањето на границите меѓу Албанија и Косово најавено од 1 јануари следната година предизвикува страв кај другите народи на Балканот, бидејќи со векови „спојувајќи“ го проектот „голема Албанија“ се предвидува анексија на територии од соседните држави во кои исто така живеат голем број Албанци – пишува „Блик“.
Според швајцарскиот весник, за дополнителен ветар во грбот на овој проект придонесе косовскиот претседател Хашим Тачи, кој изминативе денови изјави и побара корекција на границите, односно присоединување на Косово со Прешевска Долина.
„Блик“ анализира дека на територијата околу Прешево, Бујановац и Медвеѓе, на југот од Србија, според процените живеат до 100.000 Албанци, кои во исто време не се чувствуваат приврзано до Белград. Како што тврди медиумот, овие територии што би ги опфатила голема Албанија засега не наидуваат на поддршка кај ЕУ и САД, што во исто време е среќна околност за соседните земји што граничат со нив.
– Сржта на идејата би биле денешна Албанија и Косово, а покрај тоа во Македонија живеат околу половина милион Албанци, каде што со Албанците од јужна Србија и неколкуте десетици илјади од Црна Гора, сликата се комплетира и таа станува појасна. Во исто време, според големоалбанскиот теоретичар Кочо Данај, и на регионите на северна Грција е фрлено око, иако официјална Атина досега нема признаено ниту еден Албанец како припадник на малцинствата во земјата. Севкупно доколку се соберат под една закрила, станува збор за околу шест милиони Албанци – наведува „Блик“.
Во контекст на темата на швајцарскиот медиум, германскиот експерт за Албанија, Андреас Вилдермунт, во изјава за истоимениот медиум, објаснува дека Албанија и Косово посакуваат да направат што е можно повеќе заеднички работи што според него се легитимна цел, но, од друга страна, многу од тие работи се недозволиви за ЕУ-стандардите.
Во исто време во текстот со наслов „Повторно игра со границите“, германскиот весник „Бадише цајтунг“, меѓу другото, пишува дека Србија во моментов гласно предупредува за создавањето голема Албанија.
– Албанскиот премиер Еди Рама уште пред многу месеци најави дека ќе се олеснува граничниот режим меѓу Албанија и Косово. Во интервју за „Винер стандард“ есента 2017 година, тој рече дека граничните контроли во иднина би требало да бидат како меѓу Австрија и Швајцарија. Возбудата околу менаџирањето на границата не доаѓа тукутака. Планираниот договор меѓу Србија и Косово би требало да биде готов веќе наредната година. Тој би требало да води кон еден вид индиректно признавање на Косово од страна на Србија. Границата меѓу Србија и северниот дел на Косово, каде што мнозинство се Срби, би можела аналогно на тоа да се спореди со границата меѓу јужниот дел на Косово и Албанија односно да биде многу пропустлива. Меѓутоа, она што звучи како прагматично решение ја нагласува етничката припадност, но во никој случај територијалниот интегритет, пишува весникот.
Потсетувајќи на предлогот на Еди Рама за евентуален заеднички претседател на Косово и Албанија и изјавите на косовскиот претседател Хашим Тачи за „корекција на границите“, германскиот медиум предупредува дека ваквите изјави за менување на границите и размена на територии може да принесат за дестабилизација на целиот регион.
– ЕУ-дипломатите што го познаваат регионот со месеци се загрижени што високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини, која е надлежна за дијалогот, нема повлечено црвена линија. Тоа отвора шпекулации и е опасно, особено за државниот интегритет на Босна и Херцеговина. За несигурност неодамна се погрижи и американскиот амбасадор на Косово, Грег Делави, кој рече дека Косово ќе се согласи со договор, како и да изгледа крајниот договор со Србија. Германската влада и Европската комисија и други држави како Словенија што добро ја познаваат состојбата се стриктно против поделба на Косово. Тоа е во спротивност не само со косовскиот устав туку и со сите политички напори на Западот во изминатите 25 години против уредување на балканските држави според етнички критериуми – завршува „Бадише цајтунг“.
Во меѓувреме, ваквите натписи на западните медиуми повторно од фиока го вадат сценариото за прекројување на границите на Балканот, а со тоа и на земјава. Кој повторно пали и гаси безбедносни жаришта во регионот? Домашните и регионалните аналитичари за „Нова Македонија“ велат дека овие изјави за ново прекројување се налудничави, а тие се прават за да се создаде одредена геополитичка клима, која е во функција на одредени центри на моќ. Според нив, конкретно, политичарите од Приштина и од другите центри на моќ, заинтересирани за доминација на Балканот, кои ги лиферуваат овие тези, треба повеќе да се грижат за просперитет на регионот и да не се обидуваат да заговараат промена на граници, бидејќи историјата покажала дека во тоа нема никаков просперитет, ниту економски ниту политички.