Нашата земја се наоѓа пред нов предизвик да се прилагоди на предизвиците со кои се соочува Унијата како и конструктивно да пристапи на потребата на ЕУ за реформа на процесот на проширување, порача заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во своето обраќање на седницата на Националниот совет за евроинтеграции, на која се разговараше за најавениот нов пристап кон проширувањето на ЕУ, како и за предизвиците од истиот.
– Денешната седница на Националниот совет за евроинтеграции претставува вистинска платформа за разговор на која можеме да направивме пресек на севкупниот процес на европски интеграции по октомвриските самити, во светло на новиот документ изготвен од Франција, нон-пејперот за реформа на методологијата, кој претставува добра основа за враќање на европските интеграции на вистинскиот колосек – истакна Османи.
Самата содржина на иницијативата, но и брзината со која Франција излезе со оваа иницијатива, на само еден месец од октомвриските самити ја покажува проактивна улога, не оставајќи процесот на реформи непотребно да се одложува, доказ дека без разлика на променетата методологија, земјите од Западниот Балкан на крајот ги очекува полноправно членство во ЕУ, а воедно и најважно можност за директна вклученост, како засегната страна, да учествуваме со наши коментари, видувања, забелешки по документот, додаде Османи.
Во овој контекст тој нагласи дека во периодот кој е пред нас, односно низ процесот на усогласување кој следи, секако ќе треба да се додефинираат и допрецизираат некои аспекти на овој документ кои ќе претставуваат важни одредници за тоа како ќе се одвива процесот на преговори во иднина, како и можност низ еден инклузивен процес како земја да дадеме што е можно поквалитетен и попрецизен придонес во рамки на оваа иницијатива, со цел во соодветно време да добиеме нова и квалитетна методологија која навистина ќе претставува бенефит за нас како земји кои преговараат, бенефит кој ќе се одрази на поквалитетно усогласување со европските правила и стандарди, бенефит кој ќе значи економски, општествен и цивилизациски напредок за сите граѓани.