Фото: Игор Бансколиев

По речиси тридецениски ветувања за европска перспектива, Западен Балкан останува пример за длабоки асиметрии и структурни неурамнотежености, „камења околу вратот“ што цврсто го позиционираат како нестабилна периферија на Европската Унија. Со оглед на фактот дека сложената општествена реалност на земјите во регионот е длабоко обременета со политичка нестабилност, но истовремено и со економска и социјална депресија, итно се наметнува потребата од анализирање на применетата матрица на европската и западната политика на проширување. Како што се гледа јасно, изостанаа ветениот просперитет и стабилност во регионот, а применетите западни политики резултираа со екстремна сиромаштија, хронична невработеност и емиграција, пропаст на јавните политики и континуиран економски колапс (засилен со пандемијата на ковид-19), како и обновеното активирање на веќе постојните кризни жаришта – Босна и Херцеговина, Косово и Македонија

„Сослушувањето“ (hearing) на темата Западен Балкан, одржано на 8 декември минатата година пред американскиот Комитет за надворешна политика, покажа дека овој регион се најде во фокусот на новата американска администрација на Џо Бајден и Камила Харис – раководната двојка што најави враќање на „традиционалните вредности на мултилатерализам и трансатлантско сојузништво во надворешната политика на САД“. Имајќи предвид дека земјите што произлегоа од поранешната Југославија во последниве три децении не успеаја да воспостават функционални институционални механизми на заедничка дипломатска, политичка, безбедносна и економска соработка, Западен Балкан продолжува да биде перципиран само како геополитичка лабораторија во која меѓународните поголеми „играчи“ тестираат свои „рецепти“ за стабилизација, институционална трансформација и модернизација на регионот, пишува политикологот Јадранка Половиќ за „Геополитика њуз“.
Во доминантниот дипломатски дискурс, стабилноста и просперитетот на Западен Балкан се разгледуваат во контекст на два интеграциски процеса: членството на регионот во НАТО и во ЕУ. Присутен е стереотипот дека овие процеси ја стабилизираат и мотивираат демократската, економската, општествената и безбедносната трансформација на државите од регионот, како и на нивната планирана европеизација. Перспективата за проширување ги соочува сите земји во регионот со тешки структурни реформи (во однос на кои на испитот би „паднале“ и многу западни држави) и со мачно приспособување кон европскиот вредносен систем, па сходно на тоа, ефектите од дводецениската политика на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан би требало да станат предмет на сериозна политиколошка дискусија. Имено, балканизацијата на Западен Балкан се заснова на постојан конструктивен хаос, настанат поради неуспешното дејствување на Унијата, како и на спротивставените интереси на другите западни актери во однос на регионот – САД, НАТО и моќните членки на ЕУ – што, пак, од друга страна, го зајакна влијанието на Русија, Турција, Кина и монархиите од Заливот, пред сѐ, Саудиска Арабија.

По речиси тридецениски ветувања за европска перспектива, Западен Балкан останува пример за длабоки асиметрии и структурни неурамнотежености, „камења околу вратот“ што цврсто го позиционираат како нестабилна периферија на Европската Унија. Со оглед на фактот дека сложената општествена реалност на земјите во регионот е длабоко обременета со политичка нестабилност, но истовремено и со економска и социјална депресија, итно се наметнува потребата од анализирање на применетата матрица на европската и западната политика на проширување. Како што се гледа јасно, изостанаа ветениот просперитет и стабилност во регионот, а применетите западни политики резултираа со екстремна сиромаштија, хронична невработеност и емиграција, пропаст на јавните политики и континуиран економски колапс (засилен со пандемијата на ковид-19), како и обновеното активирање на веќе постојните кризни жаришта – Босна и Херцеговина, Косово и Македонија, нагласува Половиќ.
Како по традиција, носејќи го ореолот на филантропи и чувари на регионот, големите западни актери стереотипно сметаат дека мировниот поредок на Балканот може да се воспостави само со интервенција на западните цивилизациски сили. Според нив, по империјата на Карло Велики, Хабсбуршката Монархија и Отоманската Империја, кои со векови владееле на просторите на Југоисточна Европа, токму ЕУ би требало да биде „новата империја“ што ќе го одржува балканскиот мир.
Меѓутоа, во текот на последниве две децении се појавија и низа други актери, кои исто така би сакале да го приспособат овој регион кон сопствените визии и интереси, со што станува повеќе од јасно дека нестабилноста на регионот не произлегува од внатрешни услови, туку од спротивставени интереси на големите сили, кои со помош на политиката „подели и владеј“ (divide et impera) одржуваат состојба на постојана етничка и верска нетрпеливост. Тука лежат и причините за неможноста за градење стабилен институционален систем, ниту за излегување од економската и социјална стагнација, како основни одлики на Западен Балкан. Геополитичкото ривалство на надворешните „играчи“, потпомогнато од „домашните спорови“, го става регионот во своевидно „минско поле“, кое комплетно ја оневозможува економско-политичката, а со тоа и безбедносната стабилизација на Западен Балкан.

Имено, во текот на последниве децении, регионот, и покрај политиката на проширување, постигна мал, речиси незначителен напредок во клучните области што претставуваат услов за влез во ЕУ – делумно поради внатрешните превирања и неспособноста на домашните политички елити (читај: корупција, криминал и алчност), но во голема мера и поради сличните активности на своите западни спонзори. Како дел од европската периферија, Западен Балкан ја рефлектира проблематиката на хроничните хиерархиски односи меѓу цивилизаторот (ЕУ) и земјите од Западен Балкан, кои се предмет на цивилизирање или европеизација.
Ангажманот на големите сили не само на просторите на Западен Балкан туку и пошироко – тука се „слабите“ членки на ЕУ: Хрватска, Романија, Бугарија и Грција – резултира со сомнителни политички решенија.
Наместо ветената политичка стабилност и економски просперитет, на повеќето земји од регионот им се „испорачаа“ безбедносна нестабилност и комплетна политичка и економска зависност од Западот.

Две децении по завршувањето на војната на просторите на поранешна Југославија, многу е дискутабилно до кој степен концептите на меѓународно влијание – политиката на проширување (ширење на демократијата и човековите права) и примената на неолибералниот економско-политички модел – успеаја да резултираат со вистинска демократизација и стабилизација на регионот. Имено, воспоставениот „американски мир“ (pax americana) на овие територии ги покажува сите свои слабости. Влијанието на ЕУ врз Западен Балкан нагло слабее, а регионот се соочува со три вида закани: силни економски и социјални предизвици, ескалација на меѓуетничките тензии и мешање однадвор.

Д-р Јадранка Половиќ

(Продолжува)