Мнозинството граѓани на ЕУ се против нејзиното проширување, француското вето беше резултат на недостигот од напредок кај земјите-кандидатки, кои во исто време не можат да влезат одделно. Ова е само еден од десетте мита што се обиде да го разобличи Советодавната група за јавна политика Балкан во Европа (БИЕПАГ) во последната анализа составена во нонпејпер наменет за проширувањето на ЕУ, но и францускиот документ за реформирање на пристапниот процес. Како што се наведува во анализата на истражувачите од БИЕПАГ, првиот мит што членовите на советодавната група се обиделе да го разјаснат е дали всушност француското вето во октомври за започнување на пристапните преговори со Македонија и со Албанија е резултат на недостигот од напредок на двете земји или нешто повеќе?
Противењата на францускиот претседател Емануел Макрон, всушност, се резултат на силната резервираност во однос на претходните проширувања и долгогодишниот скептицизам за проширување што владее меѓу француската елита, како и загриженоста на неговата опаѓачка улога во ЕУ. Истражувачите од БИЕПАГ велат дека иако процесот на проширување долги години е во криза што практично со него никој не управува, а членките на ЕУ се само делумно посветени во тој поглед, француското „не“ не беше единствено резултат на недостатоците на процесот на пристапување, туку тоа дополнително проговори дека процесот на проширување е во криза.
– Земјите од Западен Балкан се преправаа дека ги спроведуваа реформите, а ЕУ и нејзините членки истовремено се преправаа дека се задоволни од ограничениот напредок во регионот – стои во документот.
Во анализата на институтот исто така се посочува дека и покрај долгогодишните преговори со Црна Гора и со Србија, резултатите на оваа тема биле минимални, факти поради кои дел од земјите-членки на ЕУ се воздржани.
– Во минатото, процесот наложуваше големи и брзи промени со многу преговори во исто време, но и имаше цел да овозможи што е можно повеќе земји да се приклучат наеднаш во Унијата или, пак, беше бавен процес во кој секоја земја напредуваше според сопствените капацитети – наведуваат истражувачите на институтот, притоа додавајќи дека не постои добра причина зошто Македонија треба побавно да се развива поради Албанија.
Авторите на анализата појаснуваат дека претходните проширувања, за разлика од денешната ситуација, биле всушност натпревар меѓу оние што сакаат влез, познат како „принцип на регата“ или групно членство со големи промени.
Поранешниот дипломат и амбасадор Ристо Никовски вели дека јавна тајна е дека Париз својата одлука во октомври не ја донел самоиницијативно и самостојно.
– Не треба да има дилеми дека Макрон не беше сам кога Македонија и Албанија не добија датум, туку на иста линија беа и Холандија и Данска на кои им пречеше пакетот со Албанија. Факт е дека околу половина земји-членки на Унија сметаат дека Албанија не е подготвена за датум, а другата половина инсистира двете земји да одат во пакет. Тоа, всушност, е втората блокада за Македонија. Реформите во Македонија не се напреднати, за жал, и подготвеноста на членките на Унијата да ни дадат датум е единствена последица на нивните обврски и ветувања сврзани со нашата капитулација за името. Поради тоа тие ги затвораат очите околу нашите реформи и особено владеењето на правото што никогаш порано не било толку загрозено колку сега.
Макрон е апсолутно во право околу промените во системот на преговарање и нагласено околу реформите во самата Унија, која е во исклучително тешка криза – вели Никовски.
Инаку, според истражувањето на БИЕПАГ, наспроти тајните пораки што излегуваа во јавноста низ ЕУ дека Европејците не сакаат нови членки во Унијата, повеќе граѓани на ЕУ, сепак, го поддржуваат проширувањето.
– Еден од митовите за кој исто така се дискутираше во јавноста е дека граѓаните на ЕУ се против проширувањето или се критички настроени кон ЕУ. Поддршката за ЕУ и за нејзините институции е на рекордно ниво, како и бројот на граѓани, кои се идентификуваат како Европејци, а повеќето граѓани на ЕУ го поддржуваат проширување (46 отсто за наспроти 42 отсто против). Фактот што некои од најголемите поддржувачи на проширувањето, како што се Австрија и Германија, но и неговите најголеми критичари, како што се Франција и Холандија, имаат скептично население, покажува дека стратегиската посветеност на елитите за проширувањето не се должи толку на јавното мислење, колку тоа што скептицизмот кај гласачите се користи како оправдување – се истакнува меѓу другото во документот.