Фото: Игор Бансколиев

Има или нема нешто што е недопирливо и надвор од законот?

Кога едно законско решение ќе биде оценето од врвни меѓународни правни експерти и релевантни институции како неприменливо, дека тоа решение ќе создава пречки во ефективната примена на законот како елемент на владеењето на правото, дека не ги исполнува барањата за законска јасност и прецизност и од Венецијанската комисија има јасна препорака Законот за употреба на јазиците да се ревидира, тогаш зошто локалните политичари со политикантски игри си дозволуваат да ги дезавуираат правото и правната држава и да се прават поголеми папи од папата?!

Веќе две седмици по извештајот на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците тој и понатаму е жешка тема за која политичарите во Македонија се убедуваат преку изјави, меѓусебно и со јавноста, за потребата да се постапи според препораките на Европската комисија за владеење преку правото.

И претсeдателот Пендаровски му даде тежина на Законот за употреба на јазиците во своето годишно обраќање

Проблематиката на овој закон се најде и во годишното обраќање во Собранието на претседателот Стево Пендаровски, кој нагласи дека треба да се имплементираат препораките на Венецијанската комисија.
– Комисијата не вели дека на Албанците им се дадени премногу права, напротив нѐ истакнува како пример на држава, која оди подалеку од европските стандарди во оваа област. Меѓутоа, со право забележува дека нашата држава во овој момент не поседува капацитет и ресурси да ги имплементира тие стандарди во судските и управни постапки. Со други зборови, какво фајде од законот ако неговите зборови останат само на хартија – рече Пендаровски од собраниската говорница.

Груби: Законот за употреба на јазиците е недопирлив

Сепак, од албанскиот политички фактор во Собранието, особено од партијата ДУИ, не отстапуваат од ставот дека во овој закон речиси никако не смее да се интервенира. Пратеникот на ДУИ Артан Груби, со голема категоричност во своите јавни настапи вели дека Законот за употреба на јазиците е недопирлив и дека треба да се унапреди неговата употреба на банкнотите и униформите на армијата. Според Груби, дури нема ни време ова прашање да се адресира до Собранието, бидејќи на 3 јануари 2020 г. ќе се формира техничка влада, а еден месец подоцна ќе се распушти и парламентот.
Веднаш по обраќањето на претседателот Пендаровски, пратеникот на Алијанса за Албанците, Сурија Рашиди, оцени дека „за поздравување е фактот дека и по препораките на Венецијанската комисија околу законот за јазици и самиот претседател истакна дека тој закон не е противуставен и со препорака до институциите дека треба да го почитуваат законот“ .

Како што различно се „чита“ мислењето на Венецијанската комисија, односно се нагласуваат само деловите што им одговараат на интересите на албанските партии, на ист начин се „слуша“ и обраќањето на претседателот Пендаровски.

Законот за употреба на јазиците ќе создаде пречки за владеењето на правото и не исполнува стандарди на еден закон

За разлика од селективното „читање“ на албанските политичари во Македонија, Венецијанската комисија во својот извештај вели дека Законот за употреба на јазиците ја надминува дури и широчината на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, но тоа може да создаде „пречки во ефективната примена на законот како елемент на владеењето на правото можат да се појават не само поради одредена незаконска или несовесна акција преземена од страна на авторитетите туку и поради квалитетот на законот, кој тешко може да биде применет“. Законот за јазиците не ги исполнува барањата за законска јасност и прецизност. Законот не е прецизен кои негови одредби се однесуваат на употребата на албанскиот јазик, а кои одредби се однесуваат на употребата на другите јазици од етничките заедници. Токму поради ова, Венецијанската комисија препорачува законот да се измени и ревидира, за да се обезбеди соодветна прецизност во однос на опсегот на неговата примена.

Накратко, кажано, Венецијанската комисија, а и правната експертска јавност во земјава укажуваат дека Законот за употреба на јазиците, ваков каков што е, е неприменлив, особено во правосудството, т.е. судските постапки ги обременува со трошоци за нивно усогласување според барањата во одредбите од законот. Има укажувања дека примената на законот ги надминува материјалните и човечките капацитети на државата и за други обврски што ги наметнува законот (пред сѐ во администрацијата), па доколку не се имплементираат забелешките на Венецијанската комисија, реални се шансите да се остварат предвидувањата на претседателот Пендаровски, „законот да остане само на хартија“. Уште повеќе што откако е стапен на сила законот (со спорен потпис на указот за негово објавување во „Службен весник“), тој реално не може да профункционира.

Примената на Законот за употреба на јазиците ја контролира сѐ уште неформиран инспекторат?!

Од Министерството за правда велат дека примената на законот, откако е стапен во сила, воопшто не е во нивна надлежност, туку во надлежност на инспекторатот предвиден токму со истиот закон, кој сѐ уште не може да се формира. Неофицијално, постојат информации дека на огласот на Владата за директор на односниот инспекторат немало пријавено кандидати. Изјавите на албанските политичари за недопирливост на Законот за употреба на јазиците, во Министерството за правда ги ценат како политички изјави, во смисла дека без нивна согласност законот не може да се менува. Истата оценка ја имаат и правните експерти.

– Изјавите на албанските политичари за некаква недопирливост на Законот за употреба на јазиците ги толкувам во светлината на фактот дека не може да се започне со процедурата на законски измени во Собранието, без нивна согласност. Суштината на забелешките на Венецијанската комисија е дека законските решенија за унапредување на малцинските права ги надминуваат капацитетите на општеството. Овој закон предвидува низа скапи решенија, можеби со убава заднина, но прашање е дали како општество можеме да ги издржиме. Убаво е да се сака да се унапредат малцинските права, но сакаме да имаме и национална авиокомпанија, модерни и ефикасни здравствени установи…, но очигледно во овој момент како општество немаме капацитет – вели Гордан Калајџиев, професор на Правниот факултет при УКИМ.


Кој смета дека е неприменлив, а кој тврди дека е недопирлив Законот за употреба на јазиците

Неприменливост на Законот за употреба на јазиците сметаат дека има:
1. Венецијанската комисија со десетина
врвни правни експерти од Европа
2. правни експерти од Македонија
3. претседателот Стево Пендаровски
4. лидери и пратеници на политички партии
5. амбасадори и дипломати во земјава и светот


Недопирливост за Законот за употреба на јазиците тврдат дека има:

1. политичарите од албанските партии ДУИ и Алијанса за Албанците: Бујар Османи, Артан Груби, Сурија Рашиди