По повеќедневните меѓусебни натегања и превирања, власта и опозицијата конечно се согласија без блокада да поминат 40 закони во Собранието, кои се врзани со примена од 1 јануари. Ова го најави вчера претседателот на парламентот Талат Џафери, кој очекува по договорот законите да бидат изгласани на петочната седница. Џафери не прецизира како власта и опозицијата се договориле за гласање на овие закони, туку само кратко кажа: „Прашајте ги Мицкоски и Заев“. Спикерот на парламентот за новинарите потсети дека ако премиерот Заев не поднесе оставка може да се одложат изборите, бидејќи Пржинскиот договор предвидува изборите да се одржат 100 дена по формирањето на техничката влада, а тоа ќе значи дека новата влада треба да биде избрана најдоцна до 3 јануари на полноќ.
Во меѓувреме, со новиот развој на случувањата, се отвора патот непречено да се спроведат изборите напролет, по формирањето техничка влада, што ќе биде клучна точка на лидерската средба најавена за викендов.
Според владини извори, премиерот в сабота попладне, во Владата, ќе одржи состанок со лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, за консултации за техничката влада. Во согласност со законот, опозицијата треба да дојде на консултацијата со свој предлог единствено за министерот за внатрешни работи и тој да биде прифатен од власта. Таква консултација на ВМРО-ДПМНЕ нема да му треба за својот предлог за министер за труд и социјална политика.
Еден ден претходно, в петок, на седница на Централниот одбор на СДСМ треба да биде предложен кандидат за технички премиер, но и кандидат за вицепремиер за економски прашања, со оглед дека Кочо Анѓушев најави заминување од функцијата не е исклучено на седницата да се анализираат и односите со коалициските партнери на власта.
Потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири, вели дека в петок по состанокот на седницата на Централниот одбор на партијата ќе биде донесен став по однос на битните прашања поврзани со пржинската влада, па во склоп со предвидените чекори и донесените одлуки, потоа премиерот Зоран Заев ќе настапи на состанокот со лидерот на опозицијата, каде што тема на средбите треба да бидат деталите за формирањето на техничката влада и кадровските решенија.
Портпаролот на ВМРО ДПМНЕ Наум Стоилковски, пак, истакнува дека во пресрет на состанокот од оваа партија очекуваат Заев еднаш да остане на зборот даден пред сите.
– Редно е да покаже капацитет дека државата има предност пред личната корист – вели Стоилковски.
Во меѓувреме, политичките експерти велат дека исходот од лидерската средба викендов со сигурност ќе го трасира патот како ќе се одвиваат идните политички процеси во земјата.
Професорот Јове Кекеновски смета дека во една ваква ситуација, кога лидерите на двете најголеми партии имаат неконзистентни ставови, секакви сценарија се возможни да се случат на состанокот викендов.
Кекеновски вели дека единствено само Али Ахмети има конзистентна реторика што може да се предвиди и оцени, но тој, за жал, единствено ги застапува само интересите на Албанците во земјава.
– Пред состанокот битно е да се знае дека и Заев и Мицкоски влегуваат на разговор со крајно спротивни ставови, а резултатот што би можело да договорат ќе зависи од нивните внатрешнополитички цели, кои и двајцата ги остваруваат со популистички дејствувања – вели Кекеновски.