Предлог-составот на новата Влада и програмата за нејзина работа денеска во 11 часот ќе бидат доставени до Собранието од страна на претседателот на СДСМ и мандатар Зоран Заев. Поднесувањето на предлог-составот ќе уследи откако беа верификувани мандатите на новите пратеници кои доаѓаат на местото на идните министри во владиниот состав.
Владината коалиција што ја сочинуваат СДСМ и другите партии од коалицијата „Можеме“, ДУИ и ДПА, во Собранието има парламентарно мнозинство од 62 пратеника. Новата Влада ќе има 19 министри, наместо досегашните 26.
СДСМ ќе има 11 министри и тројца вицепремиери кои ќе бидат предложени како министри без ресор со одредена надлежност. Покрај Заев како премиер, членови на Владата ќе бидат и Љупчо Николовски – вицепремиер за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија, Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јахода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска – министерка за култура.
Аријанит Хоџа од Беса ќе го води Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, а Горан Милевски од ЛДП ќе биде министер за локална самоуправа.
ДУИ во Владата ќе биде застапен преку Артан Груби кој ќе ги извршува функциите прв вицепремиер и министер за политички систем, како и преку Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши останува министер за економија, а Насер Нуредини министер за животна средина. Министер за информатичко општество и администрација ќе биде Јетон Шаќири.