Премиерот Зоран Заев во идната реконструирана влада, покрај премиерската функција, ќе ја врши и функцијата министер за финансии.
– Обврската министер за финансии, покрај премиерската функција, ќе ја вршам јас одреден период. Оваа одлука ја донесов заради тоа што оваа година ќе биде година за економијата. Тевдовски ќе работи околу мене, како советник. Следуваат храбри одлуки од кои бенефиција ќе имаат сите граѓани – порача Заев од Валандово.
Тој појасни дека предлогот за реконструкција на Владата вчера попладне бил доставен до Собранието, а се очекува за него да се расправа неделава.
Според предлогот, на местото на Љупчо Николовски за нов министер за земјоделство е предложен Трајан Димковски, Насер Нуредини ќе го преземе ресорот за животна средина и просторно планирање, Хусни Исмаили за култура, Горан Милевски за локална самоуправа, додека Садула Дураки за политички систем и односи меѓу заедниците.
Разрешени се и вицепремиерот за спроведување на рамковниот договор Хазби Лика и министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима Зоран Шапуриќ.
По реконструкција на Владата, премиерот најави дека ќе следуваат и промени во вториот и во третиот ешалон, во кој треба да бидат опфатени директори и членови на управни и надзорни одбори во јавните претпријатија.