Македонија и Косово традиционално позитивниот политички дијалог наскоро ќе го потврдат со прва заедничка седница меѓу Владите на двете земји, штом условите ќе го дозволат тоа. Ова го истакнаа на денешата прес-конференција премиерот Зоран Заев и неговиот косовски колега Aвдулах Хоти, кој е во официјалната посета на Македонија.
– Нашите држави имаат интерес дополнително да ги засилиме и продлабочиме билатералните односи и соработката во сите области од взаемен интерес.Во таа насока очекуваме интензивирање на политичкиот дијалог и одржување на веќе најавуваната прва заедничка седница меѓу Владите на двете земји штом условите ќе го дозволат тоа. Тој настан ќе биде позитивен импулс за натамошен развој и интензивирање на нашите односи и севкупната соработка.Како придонес кон натамошно зацврстување на добрососедските односи очекувам дека испраќањето на 44 припадници на Армијата на Северна Македонија во составот на КФОР ќе ја зајакне натамошната стабилност како на Косово, така и стабилноста и безбедноста на целиот регион – истакна Заев.
Тој додаде дека со цел да се унапреди економската соработка и комуникацијата нагласено се работи на инфраструктурното поврзување на нашите земји како дел од регионалната соработка.
„Нашата географска блискост дополнително ќе ја приближи изградбата на автопатот Скопје – Приштина.Овој автопат е од посебно стратешко значење не само за нашите земји, туку и регионот.Од наша страна се во тек подготвителните работи за почеток на изградбата на автопатот Скопје – Блаце.Доказ за нашите искрени заложби за унапредување на соработката и овозможување слободен проток на лица и стоки, е големиот чекор, кој беше направен со отворањето на граничниот премин Белановце – Станчиќ“, исаткна премиерот.
За Македонија без сомнеж Косово е еден од најзначајните трговски партнери.
– Трговската размена меѓу нашите земји се одвива слободно без царини, согласно ЦЕФТА Договорот и Договорот за економска соработка.За ова повеќе од јасно говорат бројките: Северна Македонија е една од 5-те држави со кои Косово остварува највисока трговска размена.И во вакви вонредни услови наметнати од ковид-19 вкупната трговска размена заклучно со август 2020 е речиси 170 милиони евра – вели Заев.
Според него, секое унапредување на односите меѓу соседите, носи стабилност и просперитет за целиот регион.
„Токму затоа го поздравуваме Договорот за нормализирање на економските односи меѓу Република Косово и Република Србија, кој беше постигнат во Вашингтон. Воедно даваме поддршка на дијалогот меѓу Белград и Приштина, кој е воведен од Европската Унија. Искрено посакуваме успех. Поддржуваме заемно прифатливо решение кое ќе го гарантира и зацврсти мирот и безбедноста во нашиот регион, ќе овозможи просперитетна иднина за сите граѓани и ќе го забрза процесот на интегрирање во ЕУ.Во оваа прилика сакам да ја искажам нашата искрена поддршка на Косово што поскоро да постигне напредок во интеграцијата кон ЕУ, преку Спогодбата за стабилизација и асоцијација, како и во добивањето на визна либерализација“, истакна премиерот.
– Нашиот народ вели дека соседите не се бираат, но секогаш први притекнуваат на помош. Токму затоа очекуваме Косово да се вклучи во засилената регионална соработка, која ја предводат Северна Македонија, Србија и Албанија, со цел нејзиниот инклузивен карактер да биде приоритет за регионот, без разлика на отворените политички прашања.Ова е пред сè од интерес на нашите граѓани, првенствено за имплементацијата на четирите слободи на ЕУ во Западниот Балкан: слободното движење на луѓе, стоки, услуги и капитал, а што ќе овозможи и побрза интеграција и усогласување со Европската Унија.Токму заедничкиот ангажман, кој произлегува од самиот регион, ќе претставува силна додадена вредност за нашата европска перспектива и за веќе постојните иницијативи кои се во таа функција – Берлинскиот процес и Регионалниот совет за соработка – додаде тој на прес-конференција.
Во услови пак на светска пандемија кога границите меѓу двете земји се се уште отворени и се патува без ПЦР тестови косовскиот премиер изјави дека ресорните министерства се во постојана комуникација и дека доколку треба да се преземат посериозни чекори, тоа нема да биде за ограничување при влез и излез, туку поради заштита на граѓаните на двете држави.