Никаде во највисокиот ешалон, па дури и во вториот ешалон не е препознаена корупција, кажа премиерот Зоран Заев одговарајќи на прашањето дали ќе побара одговорност од вицепремиерот за борба против корупцијата, по објавениот Извештај на Стејт департментот за инвестициска клима за годинава. Во извештајот, меѓудругото, се наведува и дека корупцијата е постојан проблем за водење бизнис во Македонија.
– Никаде во највисокиот ешалон, па дури и во вториот ешалон не е препознаена корупција. Таа не е пронајдена кај министрите, кај директорите. Пронајдена е по анализата системски, тоа значи во делот на административното функционирање на јавните институции. И затоа поставивме потпретседател на Влада, меѓудругото, задолжен за борба против криминалот и корупцијата – вели Заев, додавајќи дека девет-десет месеци се работи на таа тема со ваков фокус.
Премиерот смета дека извештајот на Стејт Департментот треба да биде „ветер во грб“ за да можеме да го отстраниме девијантната појава што ја има насекаде во светот, како зло што ја кочи и економијата, развојот и севкупниот квалитет на живот.