Премиерот Зоран Заев учествуваше на настан по повод отворањето на првиот младински центар во државата согласно Законот за младинско учество и младински политики во Општина Куманово.
Заев на свеченоста, на која учествуваа и директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) Наумче Мојсоски, заменикот-директор на АМС Авни Рустеми, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, пратениците Мартин Костовски и Лидија Тасевска, претседателката на Советот на Општина Куманово, Атина Мургашанска, и претставници на младински организации и организации за млади, средношколци, студенти од општината, истакна дека со отворањето на овие центри пред сѐ се обезбедува соодветен и безбеден простор каде ќе се спроведува системска поддршка за интересот и личниот развој на младите луѓе.
– Ова ќе го постигнеме преку неформално образование, менторство, информирање, неформално искуствено учење кое се случува во слободно време низ учество во забавни и волонтерски активности, кои ќе им бидат достапни на сите млади од општината. Едновремено, овој проект претставува и широк инклузивен процес со кој сакаме да креираме простор за младите и нивниот глас кој ќе допре до институциите и ќе се преточи во конкретна мерка, активност и реформа која ќе ја унапреди положбата на младиот човек во Република Северна Македонија – нагласи премиерот.
Заев потенцираше дека конечната цел со младинските центри е да се креира поволен амбиент за сите, во кој заедно, на иста маса, младите и институциите носат одлуки од корист на младиот човек.
– Општина Куманово е позната како симбол на шареноликоста и пријател на младите луѓе и отворањето на овој младински центар само го потврдува тоа. Со неговото отворање како и со формирањето на локалните младински совети, гарантираниот буџет за млади, не постои можност градоначалникот и локалната власт да ги слушнат младите а да не креираат политики и активности по нивна мерка – потенцираше Заев.
Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, во своето обраќање рече дека одлуката за првиот младински центар во државата, според Законот за младинско учество и младински политики, да се отвори во Општина Куманово е признание за сите остварувања што општината ги направиле за младите.
Директорот на АМС Наумче Мојсовски во своето обраќање нагласи дека верува дека овој младински центар ќе биде место каде ќе се родат големи идеи, каде креативноста ќе биде на највисоко ниво.