По Договорот со Бугарија, постигнат е достоинствен договор и со Грција, со што е затворено и последното прашање кое стои на патот на Македонија во евроатлантските аспирации.
Ова денеска го рече премиерот Зоран Заев на средбата со делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа за постмониторинг дијалог со Република Македонија, предводена од ко-известителите Лиза Кристоферсен и Валериу Гилечи.
– Граѓаните ќе го дадат последниот збор на референдум во врска со Договорот со Грција, но очекувам општествена свест и сите да застанеме зад развојот на Македонија и да продолжиме уште поактивно да ја движиме државата напред – истакна премиерот.
Според него, добивањето датум за почеток на преговорите со ЕУ ќе биде мотив повеќе во енергичниот реформски пристап на Владата, која во овој процес ги вклучува активно и сите други општествени и политички чинители.
Од Кабинетот на премиерот соопштија дека на средбата се разговарало за реформите во судството, почитувањето на законите, демократијата и човековите права, за измените во Изборниот законик, како и за потребната зрелост од сите политички субјекти во државата за носење одлуки во интерес на натамошните перспективи и стабилноста на Македонија.
Претставниците на Парламентарното собрание на СЕ даваат поддршка на евроинтеграциските процеси на Македонија и на напредокот на државава.
– Македонија е на добар пат во реализацијата на своите стратешки цели, интеграциите во ЕУ и во НАТО и подобар живот на граѓаните на економски план. Ги спроведуваме посветено потребните реформи во земјата низ инклузивни политики и водиме политики на добрососедство, што ги отворија перспективите на нашата држава – оценил премиерот Заев.