Во врска со преговорите со Бугарија и за содржината на нонпејперот и разговорите на специјалниот претставник Владо Бучковски во комуникацијата со Софија, премиерот Зоран Заев подвлече дека со бугарската страна постојано се разменуваат идеи за надминување на пречките.
– Тоа се размена на идеи коишто постојано ги даваме, и ќе продолжиме да ги даваме се додека не ги надминеме проблемите и пречките коишто од страна на Бугарија се испречија на нашата европска интеграција. Тука е Акциониот план којшто е изработен заедно министерот за надворешни работи, со потпретседателот на Владата за европски прашања, и со Канцеларијата на претседателот на Владата како дополнителна мотивација за поефикасна и побрза имплементација на Договорот со Бугарија – рече Заев.
Тој повтори дека дел од одговорот за пријателство и добрососедство со Бугарија е меѓусебно, реципрочно немешање во внатрешните работи на двете земји, вклучително и малцинските права, бидејќи тоа е меѓународно уредено и кај нас и во Бугарија и сите земји кои се членки во НАТО и Европската Унија, ООН.
Премиерот јавно испрати порака дека ниту сме се мешале, ниту ќе се мешаме во работи кои се однесуваат на граѓани на туѓа држава.
– И од тој аспект, потврдуваме дека скратеното име Северна Македонија е исто како Република Северна Македонија и однесува на актуелните политички и географските граници и меѓународно прифатеното име на земјата. Немаме територијални претензии. Тоа го докажавме и според стандардите на НАТО со понудата Бугарија да биде уште еден заштитник на македонското небо – подвлече премиерот Заев.