Заврши денешната расправа за нацрт-амандманите на Уставот во собраниската Комисија за уставни прашања, а продолжението е закажано за утре во 11 часот.
Во попладневниот дел од расправата, Алијансата за Албанците и движењето „Беса“ ги повторија нивните барања за албанскиот јазик да се изедначи со македонскиот јазик и да стане службен на целата територија, односно во делот од Уставот каде стои „службен јазик на државата е …..“, да стои „службени јазици на државата се ……“. Со ова, според нив, ќе се затворат отворените прашања во државата.
– Барањата на Алијансата за Албанците и на албанската опозиција ги поддржуваат 100 проценти од Албанците во Македонија. Тоа се барања кои ги поддржуваат и гласачите на ДУИ, на движењето „Беса“ од крилото кое е во Владата. Јас и моите граѓани сакаме јазикот којшто го говориме да биде албански јазик, а не јазик којшто го говорат 20 проценти од народите, рече Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците.
Според Фадил Зендели од „Беса“, кога веќе се отвораат уставните измени, треба да има поголема инклузивност во насока на тоа да се решат и отворените прашања. – Уставните измени од 2001 година и Охридскиот рамковен договор не дадоа крајно решение на отворените прашања во Македонија, рече Зендели.
За Зоран Илијоски од ВМРО-ДПМНЕ, пратениците немаат легитимитет и мандат да расправаат за уставните измени бидејќи референдумот бил неуспешен и повеќето граѓани кажале „не“ за промена на името и Уставот. Единствен излез од ситуацијата, според Илојоски, е да се распишат нови избори.
На ова реплицираше премиерот Зоран Заев, кој посочи дека референдумот бил успешен, но оти одлуката не е донесена и прашањето е што после тоа.
– Носиме или не носиме одлука. Атмосферата во Параламентот е тешка од повеќе причини, а една од нив е затоа што некои одлучија да стават колеги на отстрел поради различно мислење. Тоа е тежината и мене ми е тешко поради тоа, рече Заев.
Пред пратениците Заев нагласи дека сите конструктивни забелешки кои се во рамки на Преспанскиот договор се добредојдени.