Претседателот на Владата Зоран Заев, во рамките на агендата на денешната работна посета на Република Бугарија се сретна и со претседателката на Бугарската социјалистичка партија (БСП) Корнелија Нинова.
На средбата Заев и Нинова се согласија дека преговорите на Македонија со Европската Унија мора да почнат час поскоро и дека секоја поддршка во оваа насока е од исклучителна важност.
Премиерот Заев и вицепремиерот Димитров за време на разговорот потенцираа дека влогот за остварување на оваа цел е голем и македонската владина делегација е во Софија со искрени и чесни намери, да се направи заеднички исчекор кон решение за што постојат сериозни услови истото да се обезбеди во периодот што претстои.
Нинова го поздрави проактивниот и искрен пристап на премиерот Заев со цел да се обезбеди исчекор кон решенија за деблокирање на евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија и дека тоа е од суштинска важност за стабилноста на регионот Западен Балкан.
Заев и Нинова на средбата се согласија дека Македонија и Бугарија имаат и желба и капацитети за европско лидерство во однос на изнаоѓање заедничко прифатливо решение за отворените прашања и дека во таа насока од огромна помош можат да бидат и заедничките вредности на БСП и СДСМ како сестрински партии.