Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денеска оствари средба со високи претставници од Република Чешка предводени од специјалната претставничка за Западен Балкан за надворешни работи на Чешка, Јанина Хребичкова. На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба во државата, како и реформите и напредокот кој го постигна државата изминатиот период .
Претседателот Заев зборуваше за последните случувања во нашата држава и успесите кои ги постигнавме за краток период од две и пол години. Во таа насока ги посочи Договорот од Преспа и договорот со Бугарија, кои беа клучни во градењето на добрососедски односи , кое што е пак многу важно за целиот регион односно целиот Балкан. Со тоа се затвори едно отворено повеќедецениско прашање, а истовремено беше поздравено како голем чекор напред на нашата држава.
– Благодарение на тие храбри чекори и историски одлуки денеска нашата држава Република Северна Македонија станува рамноправна членка на НАТО сојузот, а останува уште формалноста на ратификација во парламентот на Шпанија – истакна Заев.
Претседателот Заев посочи дека испорачавме вистински резултати преку вложување на многу труд, со крупни чекори и одлуки, носење на важни реформи, затворање на едно големо прашање на Балканот, а при тоа бевме посочени како светол пример во регионот. Затоа очекувањата на сите граѓани на нашата држава е дека што поскоро треба да добиеме датум за почеток на преговори со ЕУ, затоа што се што беше побарано, беше испорачано.
Од своја страна специјалната претставничка за Западен Балкан за надворешни работи на Чешка, Јанина Хребичкова, посочи дека Македонија е препознаена како земја која многу вложи и сеуште работи напорно на спроведување на реформите во државата и целосна трансформација на општеството, со цел носење на европските вредности и станување на еднаква со европските држави и токму затоа има огромна поддршка од Република Чешка и заслужува да биде дел од големото европско семејство.
Претседателот Заев истакна дека нашата земја отсекогаш имала добра соработка со Република Чешка и се надева дека таа соработка во иднина ќе стане уште поголема со оглед на тоа дека двете држави имаат слични ставови по многу прашања, се наведува во соопштението.