Реконструкција на Владата ќе нема, но веројатно ќе има смена на министри, рече премиерот Зоран Заев по вчерашната посета на привремените живеалишта за бездомници во Визбегово.
На новинарско прашање дали до крајот на годинава може да се очекува реконструкција на Владата, Заев одговори дека не размислуваат за тоа при вакви, како што посочи, сериозни парламентарни процеси.
– Ако некој министер не доаѓа во Владата, логично е дека треба Владата да седне, да размисли, тоа да се промени. Тоа е редот на работите. Секако разговараме со коалициските партнери, кои споделиле одговорност со нас и во делот на другите ресори – објасни Заев.
Медиумите веќе подолг период пишуваат дека вицепремиерот за рамковен договор од редовите на ДУИ, Хазби Лика, околу половина година само повремено се појавува на работното место, не присуствува на владините седници, а и првпат од потпишувањето на рамковниот договор, вицепремиерот што е задолжен за него, не беше домаќин на настанот организиран по повод годишнината од потпишувањето. П.Р.