Премиерот Зоран Заев предлага одржување на предвремени парламентарни избори што е можно побрзо. Во своето прво обраќање откако Европската Унија не додели датум за преговори за Македонија, Заев рече дека утре на лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски ќе предложи да се одржат предвремени избори.
– Одговорно се исправам пред вашата одлука, сега е потребен вашиот став, немаме време за губење. Предлагам организирање предвремени избори, најбрзо што може, избори на кои вие граѓаните ќе донесете одлука и потврда за патот по кој треба да продолжи нашата земја – порача Заев во своето обраќање до граѓаните.
Сериозноста на актуелниот миг, додаде тој, бара од мене и од сите нас сериозна одлука.
– Поаѓајќи дека секој политичар мора да биде одговорен и чесен ја преземам врз себе разочараноста на својот народ, се исправам пред вас и порачувам: европскиот сон на македонскиот народ нема да биде срушен – порача премиерот.
Тој оцени дека тоа што ЕУ не успеала да донесе одлука за отворање преговори со Македонија е нивна историска грешка.
– ЕУ не го испорача тоа што ни го вети. Ние ги исполнивме сите наши обврски, испорачавме реформи и ги решивме споровите со соседите. Тоа што ЕУ не успеа да донесе одлука за отворање преговори со нас е нивна историска грешка и тоа го потврдија сите европски лидери. Ние направивме сè што можевме и сè што требаше – рече Заев.
Тој им се заблагодари на мнозинството европски лидери кои се заложиле за Македонија.
– Факт е дека ние сме жртви на историска грешка на ЕУ и тоа кај сите нас предизвикува огорченост. Јас сум разочаран и лут и знам дека и народот така се чувствува. За мене ова неисполнето ветување е лоша и неправедна постапка на Унијата. Но тоа е одлука на ЕУ заради нивни нерешени внатрешни работи и таа одлука не можевме да ја промениме – рече Заев.