Претседателот на Владата, Зоран Заев, придружуван од министерката за правда, Рената Дескоска, се сретна со делегација на Венециската комисија предводена од шефот на делегацијата, Томас Маркерт.
На средбата е истакнато дека Република Македонија е модел на партнер на Комисијата, бидејќи праксата покажува дека нашата држава ги применува препораките на Венециската комисија.
На состанокот се разговараше за аспектите на примена на донесените измени и дополнувања на Законот за употреба на јазиците, за што нашата држава побара мислење од Венециската комисија.
Премиерот Заев истакна дека Венециската комисија е драгоцен партнер на нашата држава, којашто е определена да гради праведна и правична држава, со еднакви права и должности за сите граѓани, во рамки на концептот едно општество за сите, којшто е прифатен и од домашната јавност и од Европската Унија.
– Сакаме да ги постигнеме европските стандарди и пракси, во делот на почитувањето на човековите права и во таа насока очекуваме насоки од Венециската комисија. Ние како Влада соопштивме уште пред донесувањето на Законот дека ќе го почитуваме мислењето на Венецинската комисија и на Уставниот суд. Целта на законот е задоволување на практичните потреби на граѓаните, со цел сите граѓани да се чувствуваат заштитени и со доверба кон институциите на системот. Ние како држава сме Европа во мало и за нас е од големо значење да се поставиме според европските стандарди, применливи за нашата земја, со оглед дека на есен очекуваме позитивна одлука за датумот за почеток на преговорите со ЕУ, а во декември заокружување на интеграциите во НАТО. Сите овие затворени домашни и меѓународни процеси важни за граѓаните отвораат пат на економскиот развој на државата, којшто веќе ги дава првите резултати – рече премиерот Заев.
Премиерот Заев се заблагодари за досегашната соработка со Венециската комисија и додаде дека очекува таа да продолжи и во иднина, посебно што Република Македонија е посебно посветена на резултати од правосудните реформи и борбата со криминалот и корупцијата.
На состанокот е соопштен впечатокот дека нашата држава, со позитивните промени и напредокот, ги има симпатиите на европската и меѓународната јавност, што се очекува да резултира со напредок и во евроинтеграциските процеси.