Пријателството треба да се негува, а сите да бидат внимателни во изјавите, посочи премиерот Зоран Заев на седницата за пратенички прашања, во однос на тоа дали го загрижуваат изјавите на политичари од соседството за можно блокирање на евроинтеграциските процеси на Македонија.
Како што рече, оптимист е дека Македонија во јуни ќе добие датум за преговори и отворање на поглавјата со Европската унија.
– Политичките прашања ги решивме, внатрешните работи треба да ги дозавршиме, пред сè со законите, имаме јасни „бенџ маркови“ кои треба да ги исполниме, се надевам граѓаните ќе доживеат и нивна физичка имплеметација со конкретен резултат и навистина сум оптимист и за јуни дека Македонија, се надевам и Албанија, ќе добие датум за преговори и отворање на поглавја – рече Заев, во одговор на прашање од пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, загрижуваат некои од изјавите од соседството исто како што и некои од изјавите од тука кај нив, но пријателството треба да се негува.
– Изјавите од Бугарија не дека не ме загрижуваат, веројатно и некои изјави од овде загрижуваат, но секогаш сме ежнееле да кренеме телефон да се дообјасниме, некојпат и фејсбук статус да објавиме како што направив летото, за да можеме да го доградиме. Верувам дека треба да водиме грижа и секако мојата гордост како Македонец и како граѓанин на Македонија не сакам никој да ми ја гази, а притоа пријателството мора да го градиме на секој можен начин. Во четврток сум на концерт во Софија под диригентство на внукот на Гоце Делчев кој сега живее во Софија. За мене тоа значи негување на пријателство – посочи Заев.
Тој истакна дека sпоред Законот за ратификација на Договорот од Преспа, Грција не може да и забрани на Македонија напредок во отворање на поглавјата освен ако за тоа не дадеме причина.
– Ако водиме грижа за градењето на пријателството кој и да биде иден премиер на Грција според мене ќе гради добри односи со своите соседи заради тоа што на тој начин полесно можете да се посветите дома и да ги решавате проблемите на своите граѓани – рече Заев.