На последниот ден од кампањата, претседателот на СДСМ и носител на кандидатска листа на пратеници во ИЕ4, Зоран Заев, вечерва се обрати на граѓанска трибина и коалицијата „Можеме“ којашто се одржа на археолошкиот локалитет Хераклеа во Битола.
– Дојдов во Битола на 3 дена до изборите, да ви донесам една убава вест. За 3 дена победува број 3. Обединети во трите свети нешта, Вера, надеж за подобра иднина, љубов кон татковината, кон нашиот народ, кон младите. Ако ме прашате зошто ја одбравме Битола во последниот ден од кампањата, би рекол дека крајот го краси делото, затоа што Битола отсекогаш била и останала многу важна, инспиративна и голем предизвик за мене и мојата партија.
Пред граѓаните тој се осврна на постигнатите меѓународни успеси на државата овие три години.
– Денеска имаме целосно признаен македонски јазик од целиот свет, денеска имаме целосно признат македонски идентитет. Денеска имаме татковина со сите аршини. Веќе не броиме колку држави не имаат признаено. Не признаваат сите – рече Заев.
Претседателот на СДСМ ги повика битолчани да излезат масовно во среда на 15 јули, на изборите кои ќе бидат целосно безбедни по здравјето, да ги почитуваат мерките на заштита и да изберат сигурност со заокружување на бројот 3 и глас за СДСМ и коалицијата „Можеме“.
– Гласањето на 15 јули ќе биде безбедно! Се носи голема одлука, одлучуваме дали ќе одиме напред или ќе се враќаме назад. Да гласате Битола, Северна Македонија отвори прекрасен коридор пред себе, да не се враќаме назад кон мрачното минато, во изолацијата и безизлезност – истакна Заев пред битолчани.