Претседателот на Владата на Македонија, Зоран Заев и членовите на делегацијата што ја сочинуваат вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи Никола Димитров и пратеникот во националното Собрание и член на собраниската комисија за одбрана Џевад Адеми попладне ги започнаа активностите на годинашната Минхенска конференција за безбедност, јавува МИА.
Како што соопшти владината прес-служба, покрај учеството на повеќе настани во рамките на конференциската агенда, премиерот Заев и членовите на делегацијата ќе остварат повеќе заеднички и одделни билатерални средби.
Една од бројните билатерални средби, беше денешната средба на премиерот Заев со претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ.
На средбата двајцата соговорници ја потврдија нагорната линија на развојот на одличните односи меѓу двете земји, со потенцијали за проширување на добрите релации, особено во економските врски.
Претседателот Ѓукановиќ му честиташе на премиерот Заев за статусот на поканета земја-членка на НАТО и соопшти дека црногорското собрание многу брзо ќе го ратификува Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО, по што Република Северна Македонија ќе се стекне со полноправно членство откако протоколот ќе го потпишат сите земји членки на Алијансата.
Премиерот Заев, се додава, на средбата ја изрази својата, и благодарноста на Владата и на народот на нашата земја за континуираната поддршка што Република Црна Гора ја пружа на нашата земја и изрази убедување дека взаемната поддршка и соработка и понатаму ќе се зацврстува и шири во интерес на граѓаните на двете земји.
Премиерот Заев и членовите на делегацијата, вечерва ќе бидат дел од заедничката свечена вечера на која се поканети сите шефови на држави и влади, како и членови на кабинети, што е уште една можност за нови средби и договори за идни иницијативи, стои во соопштението.