Предлагаме ново законско решение за амбасадори, кое ќе ја штити дипломатската служба во иднина, давајќи предност на кариерните дипломати, соопшти премиерот Зоран Заев на неговиот профил на Фејсбук, споделувајќи анализа за амбасадорските позиции низ годините.
– Од 2017 досега 87,5 отсто од лицата кои се именувани за амбасадори се кариерни дипломати, 35 од нив се професионални, а само 5 се политички решенија. За споредба во периодот 2006-2017 година, соодносот помеѓу професионалните и политичките решенија бил 42,3 проценти, или во реалноста 33 кариерни (7 вработени непосредно пред испраќање) и дури 45 политички решенија. Во 2014 последните 10 амбасадори кои биле испратени на мисија имаат вкупен стаж од 28 години во МНР, за разлика од последните 10 амбасадори во 2019, кои имаат вкупен стаж од 214 години во МНР – се додава во статусот на премиерот.