Премиерот Заев вели дека не размислува за предвремени парламентарни избори.
Иако, неговиот политички ривал, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најави дека партијата работи на обезбедување на ново мнозинство во Собранието и се разговара со пратеници, Заев е категоричен дека сегашното мнозинство може да расте, а не да се намали.
Премиерот останува на ставот дека оваа Влада треба да има четиригодишен мандат.
– Парламентарното мнозинство може да расте, не да паѓа. Политиките кои ги води СДСМ и политиките кои ги води ВМРО-ДПМНЕ – од тоа зависи миграцијата од лево кон десно и обратно. Зошто да одиме на парламентарни избори, зошто не дадеме можност за еден мандат од четири години. Сите политики во изминатите 4 години, како договорите со Грција, Бугарија, законот за јазиците, се за подобар стандард и поквалитетен живот на граѓаните. Ваквите политики можат да ја гарантираат добрата економска иднина на целиот наш народ – рече Заев.
Мицкоски вчера побара распуштање на Владата и предвремени парламентарни избори. Тој смета дека Владата на Заев лошо раководи со земјата. Најавите за ново парламентарно мнозинство, Мицкоски не ги кажа по првпат вчера.
На почетокот на февруари тој исто така најави дека се крои ново парлемтарно мнозинство. Но тогаш, тоа не се случи. По ова, се гласаше доверба на Владата, која доби поддршка од 62 пратеници, колку што брои и мнозинството.