По цена на македонскиот идентитет и македонскиот јазик не ни треба Европска Унија, затоа што ќе бидеме прашина изгубена низ ветрот и кој тогаш ќе влезе во ЕУ, истакна премиерот Зоран Заев во однос на спорот со Бугарија и европската перспектива на Македонија.
– Така ги постигнавме и големите договори, штитејќи ја нашата национална посебност – македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Затоа што е тоа право на самоопределување, тоа е чувство, и не постои договор којшто го договара начинот како се чувствуваме и каков јазик зборуваме. А тоа е и европска вредност – порача Заев.
Заев се надева дека ќе може да се изнајде решение со привремената бугарска влада поставена од претседателот Румен Радев.
– Проблемот е нерационален и мора да најдеме решение. Интерес и на Бугарија е Северна Македонија да биде членка на Европската Унија и да се интегрира во меѓународните организации. Тоа е во интерес и на бугарскиот народ, не само на македонскиот. И од тој апсект верувам дека ќе го изнајдеме решението – нагласи Заев, одговорајќи на новинарски прашања при посетата на Ресен.