Tехничката влада е гаранција за фер и демократски избори, но таа има обврска и да ги продолжи проектите на владата и реформите, изјави премиерот Зоран Заев по состаноците на партиското раководство, каде вечерва беше одлучено министерот Оливер Спасовски да биде технички премиер до одржувањето на изборите.
Премиерот потврди дека избори на 12 април ќе има и дека на трети јануари ќе ја депонира својата оставка, по што му се отстапува место на техничкиот премиер да ја достави листата на министри за формирање на техничка влада.
– Одлагање на изборите нема. Јас на трети ќе ја поднесам оставката во Владата, треба парламентот да ја констатира оставката и со тоа паѓа целата Влада. Истиот ден, претседателот Стево Пендаровски треба да му даде мандат на Оливер Спасовски, којшто треба да ја предложи новата Влада и парламентот да ја изгласа новата Влада – рече Заев.
На новинарско прашање дали албанската опозиција треба да има удел во техничката влада Заев рече дека опозицијата треба да се договори за распределба на мандатите.
– Право на опозицијата е кого ќе избере за оние места коишто им следуваат, а тоа се двајца министри и тројца дополнителни заменик-министри. Доколку опозицијата се договори меѓусебно да ги распредели тие места, тоа е во ред и е нивен избор – рече Заев.