Премиерот Зоран Заев на Твитер ја објасни својата изјава која предизвика силни реакции во јавноста, откако претходно денес на прес-конференција кажа дека нема да дозволи некој да го инволвира него во случајот „Рекет“, ниту пак, „неколку криминалци, еден суетен новинар и еден пе*ер“ да ја срушат Владата.
Тој потенцираше дека зборот „пе*дер“ го употребил за да даде карактерна особина, а не за да означи сексуална припаднност, упати извинување за ЛГБТИ-заедницата и посочи дека ќе продолжи да се бори за нивните права, како и досега.
ЛГБТИ заедницата ја има мојата голема почит. Затоа, пред да го употребам зборот „педер“ упатив извинување. Тој збор го употребив за да дадам карактерна особина, а не да означам сексуална припадност. Извинување за ЛГБТИ луѓето. Ќе се борам за нивните права, како и до сега.
— Зоран Заев (@Zoran_Zaev) August 13, 2019
Изјавата на Заев предизвика силни реакции на социјалните мрежи, а извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска, на Фејсбук остро го критикуваше премиерот.
– Гнасно по многу основи! Толку од прифаќањето на различностите и нивното почитување! Тешка демагогија било се што се збореше и правеше претходно! НЕ Зоран Заев, ЛГБТИ-заедницата нема да ти прости! – напиша Пировска.