За пуста желба за власт биле спремни државата да ја носат низбрдо, а народот да страда, со овие зборови преку социјалните мрежи, Зоран Заев се обрати до јавноста, првпат откако најави оставка од премиерската функција и претседателската позиција во СДСМ.

– Овие денови сведочиме загрозување на Договорот од Преспа, на Договорот за добрососедство со Бугарија, на Охридскиот рамковен договор, на заедничкото едно и еднакво општество, на мирот на граѓаните внатре и на добрите односи со соседите – посочува Заев.

Сепак, тој нагласува дека во државата има народ, граѓани, демократи, борци и политичари кои, како што вели, нема да дозволат Мицкоски, Апасиев и Груевски да ја заробат и упропастат државата одново.

– Нашата кауза е и граѓанска и државничка. Знам дека позади таа кауза како бедем гордо стојат мнозинство од нашите граѓани и мнозинство од нашите пратеници. Демократијата, слободата, солидарноста и заедништвото се нашите вредности – порача Заев преку социјалните мрежи.


ВМРО-ДПМНЕ: Не сме сигурни дали позади фејсбук-статусот стои Зоран Заев

Со оглед на фактот што цели осум дена го нема никаде во јавност, Зоран Заев кој инаку најави оставка и го снема, отвораме дилема дали вистински седи и позади неговиот последен фејсбук-статус, прашува ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до јавноста.

– Доколку е навистина тој, тогаш добро е да одговори макар и на Фејсбук, кога ќе си го исполни последното ветување за оставка од премиер и претседател на СДСМ? Кога збори Заев за кауза, за ЕУ, Бугарија и Охридски договор, треба да се знае дека мисли единствено за заштита на криминалот, тендерите, кражбите во РЕК. Единствено Заев е загрижен за фотелјата, не и за иднината на државата – се  наведува во партиското соопштение.