Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, се обрати на 24-тиот конгрес на партијата, на кој треба и официјално да бидат објавени носителите на листи и кандидати за претстојните парламентарни избори на 12 април. Тој ја претстави програмата со име „Можеме уште повеќе, уште подобро“, која се темели на пет столба: Нови работни места и повисоки плати; грижа за сите; ред, дисциплина и правда; сите за екодржава; ние сме за НАТО, одиме во ЕУ.
– Две и пол години СДСМ ја предводи власта. Толку време напредуваме на секое поле, правиме пресврт на подобро. Во 2016 најавивме концепт со кој парите ги враќаме назад кај граѓаните. Денес, тој концепт е целосно исполнет – рече Заев образложувајќи дека ја укинале радиодифузната такса, ги намалиле трошоците за адвокатски, нотарски и за извршителски услуги, ги намалиле казните за физичките лица, ги зголемиле социјалната помош и субвенциите за земјоделците.
Тој го спомена и законот за Јавното обвинителство, кој треба да го зајакне капацитетот на правната држава.
– Предметите ќе имаат завршница, а политичарите остануваат настрана од судиите и обвинителите. Ќе нема веќе скриени амнестии. Некому ова не му се допаѓаше, но оние што се за правда надгласаа со две тритини во Собранието. Сега правосудството е на ред да испорача правда, без да се соочува со политички или други притисоци – рече Заев.
Тој рече дека нивната програма нуди повисок економски раст и одговорни институции, воведување ред, правда и дисциплина, иновативна, зелена и дигитализирана држава, во која ќе се цени трудот на секој поединец, држава во која младите ќе останат тука.
– Кревавме плати додека ја враќавме слободата – рече партискот лидер, кој истакна дека веќе нема медиуми што рабодат под диктат.
– Парите одат кај народот, а не во стиропор-фасади, жални врби и галии. Државата од изолација и стагнација ја донесовме на патот на евроинтеграциите. Денес, нашата убава земја, Северна Македонија, е 30-та земја членка на НАТО и е на чекор пред почнување преговори со ЕУ – нагласи Заев.
Лидерот на СДСМ вети 100.000 нови работни места и повисоки плати за сите. Притоа рече дека минималната плата ќе биде 300 евра, а просечната 600 евра до крајот на мандатот. Пензиите ќе пораснат до 21 процент до крајот на мандатот. До 2024 година ќе има бесплатна зелена нафта за сите земјоделци, вети Заев.
Тој рече и дека ќе вложува во инфраструктурата, а социјално ранливите ќе бидат згрижени. Речиси 34.000 домаќинства, според Заев, ќе примаат социјална парична помош, а 65.000 деца детски додаток.
До 2024 година, вети Заев, ќе се реконструираат сите студентски домови. Тој ја најави изградбата на новиот клинички центар и уште неколку регионални.
Повторно најави прочистување во правосудството преку разрешување судии кои намерно ќе застаруваат предмети и ја најави ревизијата на судските предмети по случаен избор.
– Ако направивме правична држава, ќе обезбедиме и правда – рече тој.
До крајот на мандатот, вели Заев, планирани се да се отворат 80 проценти од поглавјата на ЕУ.
– Со отворањето на поглавјата Северна Македонија има пристап од 2 милијарди евра за инвестиции, иновации, нови работни места, за патишта, за здрав живот…- рече тој.
Тој рече дека ќе се воведат повисоки казни за загадувачите – и за фабриките, и за фирмите и за граѓаните, кои несовесно загадуваат.
– Воедно, ќе ги субвенционираме домаќинствата да користат алтернативни начини на затоплување – рече Заев.
Во моментот се одвива затворениот дел на конгресот, на кој речиси 700 делегати ќе ги разгледуваат предлозите за носители на листи во шесте изборни единици и кандидатите за пратениципо што повторно ќе се обрати Заев пред јавноста за да ги соопшти резултатите.