Премиерот Зоран Заев зема највисока плата од 87.813 денари, а министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски е втор на списокот со плата од 85.113 денари, покажуваат податоците објавени на веб-страницата на Владата за платите на премиерот, вицепремиерите и министрите за декември 2020 година.
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, е трета на списокот според висината на платата со 74.273 денари нето-плата.
По неа се министерките за одбрана и култура, Радмила Шекеринска и Ирена Стефоска. Шекеринска зема 72.989 денари, а Стефоска 72.670.
Со плати над 70.000 денари се и вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби (70.102 денари), вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи (71.385 денари), вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров (71.385 денари), министерот за надворешни работи Бујар Османи (70.102 денари) и министерот за локална самоуправа, Горан Милевски (70.102 денари).