Тековни прашања поврзани со подготовките на сите потребни услови за успешна реализација на претстојните претседателски избори и предвремени локални избори во трите општини, Дебар, Охрид и Ново Село биле тема на денешната средба на премиерот Зоран Заев со членовите на ДИК.
-Владата дава принципиелна поддршка, согласно законските овластувања, да обезбеди реализација на законските потреби на Државната изборна комисија, затоа што организирани слободни и фер избори се врвна демократска придобивка, се јакне демократијата и се отстрануваат сомнежи за какви било нерегуларности – рекол Заев на средбата со членовите на ДИК.
Претседателот на ДИК Оливер Деркоски и членовите на Комисијата посочиле дека таа работи професионално и го информирале премиерот Заев за преземени активности, меѓу кои активна и ефикасна едукација на членовите на Избирачките одбори, како и на Општинските изборни комисии со цел навремено, достоинствено и целосно да одговорат на законските обврски пред граѓаните.
-Максимално сме посветени, со зголемен интензитет на ангажирање на луѓе и логистика, согласно законските прописи, да ги оствариме приоритетите и целите за реализација на фер и демократски избори – нагласил претседателот на ДИК, Деркоски.
На работната средба, сите учесници се согласиле дека одржувањето избори е тест за политичката зрелост на државата и изразле подготвеност и посветеност за максимална транспарентност, почит и кредибилитет на претстојните претседателски избори и локални избори во три градови во државата.
Премиерот Заев, на средбата со членовите и претседателот на ДИК, бил придружуван од генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски.