Преговорите меѓу власта и опозицијата поврзани за иднината на специјалното јавно обвинителство, кои продолжија по завршувањето на претседателските избори, се чини дека и по неколку средби на работните групи и понатаму се далеку од решението. По неуспехот на петочната средба, неофицијално се најавува дека преговорите неделава би можеле да ги преземат директно партиските лидери, Зоран Заев и Христијан Мицкоски.
Имено, работните групи, предводени од министерката за правда Рената Треневска-Дескоска, која ја претставува Владата, и од пратеникот Антонио Милошоски и адвокатот Тони Менкиновски од ВМРО-ДПМНЕ, и по неколку средби и понатаму не отстапуваат од своите ставови и барања. Како клучна пречка во разговорите, кои се водат со намера за постигнување договор за Законот за Јавно обвинителство, со кој треба да му се реши идниот статус на специјалното јавно обвинителство, се појавува членот 105, кој се однесува на продолжувањето на постапките на СЈО и користењето на доказите што се собрани досега. Односниот член треба да овозможи продолжување на гонењето за сторени кривични дела и од страна на Министерството за правда не може да се согласат со внесување одредби, кои ќе значат скриена амнестија за одредени дела. Според министерката за правда, веќе се кристализира дека СЈО ќе биде посебен орган, но тоа прашање, како што рече, целосно не е затворено, бидејќи сè уште се во фаза за постигнување договор. Во една фаза од минатонеделните разговори, Менкиновски, пак, изјави дека ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од принципот на владеењето на правото што е преточено во амандманите. Според него, мандатот на СЈО е јасно дефиниран во законот: 18 месеци од добивањето на нелегално стекнатите прислушувани разговори.
Според еден од предлозите што се разгледуваат на состаноците на работните групи, постои идеја да се формира комисија составена од републичкиот јавен обвинител и уште двајца обвинители, кои ќе одлучуваат кои од предметите ќе ги работи Обвинителството за организиран криминал, а кои СЈО, но и понатаму останува како камен на сопнување дали распределбата ќе важи и за предметите за кои СЈО има поведено истраги и обвинија и по истекот од 18 месеци. Реизборот на обвинители во СЈО, според последниот предлог, би се одвивал етапно, а изборот ќе го врши Советот на јавни обвинители.
– ВМРО-ДПМНЕ остана на барањето постапките што се отворени по првите 18 месеци од формирањето на СЈО да бидат запрени, сите докази што се обезбедени да пропаднат во вода односно да не бидат употребливи, а сите мерки што се преземени да престанат. Тоа поконкретно значи – ако им е замрзнат имотот како партија да биде одмрзнат, ако се изречени мерки на претпазливост и за јавување во суд да престанат, а евентуално тие постапки да бидат сопрени. Таквите ставови се неприфатливи – изјави министерката Тренеска-Дескоска по петочната средба.
На таа средба станало збор и за испраќање на законот до Венецијанска комисија, но, според министерката, тоа сега не е можно зашто има рокови за негово донесување. За усвојување на законот за Јавно обвинителство неопходно е двотретинско мнозинство во Собранието.