Ако Европската Унија наскоро не ги започне преговорите за членство со Македонија и Албанија, ќе го изгуби местото пред ривалските сили на Балканот, предуперди премиерот Зоран Заев во интервју за „Политико“.
Како што потсетува „Политико“, членките на ЕУ пред повеќе од една година се согласија да започнат разговори со двете земји, но процесот е во мирување, главно затоа што Бугарија го блокираше патот на Северна Македонија кон преговарачката маса. Владата во Софија инсистира на тоа дека билатералните спорови меѓу Бугарија и Северна Македонија околу јазикот и историјата мора да се решат пред да започнат разговорите, се додава во текстот.
Исто така се додава дека фрустрацијата со ЕУ во регионот се надополнува со слабиот напредок на блокот во обезбедувањето вакцини против коронавирус на нејзините балкански соседи, што ги наведува да се обратат до Русија и Кина за помош.
Заев вели дека неуспехот да се започнат разговорите ќе влијае не само на Македонија и на Албанија, туку и на поширокиот регион на Западен Балкан, кој сега е опкружен со членки на ЕУ и беше сцена на серија војни во 90-тите години на минатиот век, кога Југославија беше поделена.
– Ако не се види дека ЕУ ги исполнува своите ветувања во регионот, тоа исто така ќе им даде на Косово и Србија помалку стимул да ги решат своите разлики во разговорите спонзорирани од ЕУ, како и Босна и Херцеговина помалку да се занимава со реформите, неопходни за започнување на преговорите за членство – додава Заев.
И, ако патот на регионот кон ЕУ се забави, рече Заев, „има повеќе простор“ за другите сили, наведувајќи ги особено Русија и Кина.
Заев, исто така, ја отфрли идејата дадена од европскиот комесар за проширување Оливер Вархеј, за продолжување на разговорите за членство на Албанија, а мирување на преговорите за Македонија.
Заев истакна дека шефовите на европските институции, како и повеќе земји-членки на ЕУ, во последните денови јасно изјавиле дека двете земји треба да одат заедно. Германија, Словачка и Грција се меѓу оние што јасно ставија до знаење дека не ги делат ставовите на унгарскиот комесар.