Заедно испишуваме историја практикувајќи највисоко ниво на внатрепартиска демократија, вели првиот човек на СДСМ, Зоран Заев за чијшто реизбор денеска гласаат членовите на владејачката партија.
– Ова е нова, додадена вредност, нов стандард на македонската политичка сцена, поставен од најдемократската, најпрогресивната, модерна и европска партија – СДСМ – вели Заев кој сподели фотографии од гласањето.
Заев е единствениот кандидат за партиски лидер. Од СДСМ претходно истакнаа на јавниот повик за поднесување кандидатури за претседател, немало други пријавени освен актуелниот партиски претседател и премиер, Зоран Заев.
За гласање на овие избори се пријавиле 68.999 членови. Изборите ги спроведува Централна изборна комисија во 80 општински ораганизации. Има 80 Општински изборни комиси и 237 Избирачки одбори, а ќе се спроведат на исто толку избирачки места.
Од активно регистрираните членови во избирачкиот список до 12 часот, своето право го искористиле и гласале 32.198 членови на партијата. Излезноста до 12 часот е 46 отсто, информираа на прес-конференција од Централната изборна комисија на партијата.