Премиерот, Зоран Заев, на денешната седница за пратенички прашања побара од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да кажат за каква иднина на државата се залагаат и кои се нивните ставови по однос на евро-перспективите.
– Вие тоа не го помагате, зборувајќи за чиста Македонија, зборувајќи за Македонија на Македонците и слично. Кои се всушност вашите ставови, да го штитиме македонскиот јазик и македонскиот идентитет, или по која било цена да се договориме со Бугарија, за да може да станеме членка на ЕУ – праша Заев.
Според премиерот, радикално националистичките ориентации на поединци од ВМРО-ДПМНЕ, биле пречка за нашата држава, низ децениите и денес.
– Провокации е лесно да создавате со соседите, кавги може да направите кога сакате и со кого сакате. Прашање е дали може да постигнете договор и дали може низ дијалог да ги решавате проблемите. Европа денес функционира со 27 земји членки, низ дијалог, низ компромиси – со меѓусебно почитување ги изнаоѓаат решенијата – кажа Заев додавајќи дека денес таков начин на однесување се препознава и во нашата држава.
Тој подвлече дека ниту оваа Влада, ниту која било идна влада, не смее да преговара за македонскиот јазик и идентитет.
– Во Бугарија разговаравме за патоказ, кој стои како предлог во португалското решение на проблемот, каде една од обврските е Северна Македонија да достави патоказ до Бугарија. Во тој патоказ се опишани сите области на соработка, со конкретни датуми за реализација и одговорни институции. Со тоа се гарантира интензитетот и поголемиот фокус на изградба на инфраструктура: патна и железничка, отворање гранични премини, подобра соработка помеѓу институциите. Вториот дел на кој се осврнува патоказот е интензитетот на состанување на историско-образовната комисија.
На едно место каде се спомнува македонскиот јазик, јасно и отворено стои дека се работи за два слични, но различни и меѓународно признати јазици. Нашиот јазик е сличен и со српскиот и со хрватскиот и со црногорскиот и со бошњачкиот и со бугарскиот или со многу други јазици, кои се од јужнословенската група на јазици, но се различни и се меѓународно признати. Во предлогот на португалското претседателство стои чисто дека во преговарачката рамка, преводот ќе биде на македонски јазик. Имало земји кај кои пишувало „на официјалниот јазик“, „на службениот јазик“ или сл. Имаме такви земји и од соседството.
Нашата борба беше да има чист „македонски јазик“. И тоа стои во преговарачката рамка. И ќе стои сè додека Европа е Европа, сè додека Европа води грижа за своите и за идентитетите на земјите кандидатки, затоа што тоа е нашиот идентитет. Тоа е борба за македонскиот идентитет и јазик“, рече премиерот кој изрази уврување дека во идниот период, со политичка Влада и со конституиран Парламент во Бугарија, ќе може да се продолжи со разговорите.