Претседателот на Владата Зоран Заев, денеска е домаќин на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.
Во пресрет на очекуваната одлука за добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ во октомври, Туск ја посети земјава заедно со делегација од Советот.
Придружувани од членови на делегациите на Владата и на Европскиот совет, Заев и Туск одржаа билатерална средба во Владата. На средбата беше изразена благодарност за заложбите и поддршката на Туск за обезбедување напредок на Македонија на нејзиниот пат за интеграција во Европската Унија, соопшти владината прес служба.
„Рекет“ е силен тест за судството и успехот во правосудните реформи. Со решавање на овој случај и Законот за jавно обвинителство ќе ја докажеме независноста на судството и борбата против корупцијата. Со овие уверувања го пречекавме и ќе го испратиме претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, рече премиерот Зоран Заев.
Тој изрази искрена надеж дека на самитот на ЕУ закажан за во октомври годинава, Македонија дефинитивно ќе добие датум за преговори.
-Очекуваме Советот да направи рамка за датумот за преговори. Целосно е јасно и нема сомневање дека преку трансформација патуваме кон членство во ЕУ. Ова значи интензивна работа согласно политиките на Унијата која е незаменлива алатка, што прави успешни приказни во европските земји – порача Заев.