Премиерот Зоран Заев во интервју за Дојче веле на македонски јазик ја оцени како „историска“ одлуката на ЕУ за датум за отпочнување преговори за членство на Македонија и Албанија, оценувајќи оти консолидацијата на ЕУ ќе биде довршена дури кога Унијата ќе го прифати Западен Балкан.
На прашањето дека има различни интерпретации на одлуката на Еврокомисијата и оти Владата тврди дека станува збор за историска одлика, додека критичарите оценуваат дека во прашање е само уште едно одложување и разочарување за Македонија, Заев оценува дека „не постои некој друг опис на одлуката, освен фактот дека е историска“.
– Добивме датум за преговори – јуни 2019. Дотогаш, заедно со нашите пријатели и партнери од Европската комисија, заеднички ќе работиме на остварување на критериумите, односно на имплементација на фазите од Договорот со Грција и финализација на реформите. Многу сме блиску до нашата цел да ги достигнеме стандардите на ЕУ- рече Заев.
Истакна дека „според досегашните искуства во проширувањето на ЕУ, поглавјата во просек се затвораат во рок од седум години“.
– Препознаени сме како земја со силна, добра политичка волја за решавање на споровите со соседите. Земја која придонесува кон консолидацијата на ЕУ. Остануваме на реформскиот пат. Имаме јасна цел пред нас. Ни останува да ја финализираме нашата последна домашна задача – последната фаза од реформите. Потоа, ќе можеме горди да влеземе низ портите на Европа. Сите спорења и критики на оваа голема одлука не можат да погледнат подалеку од партиските или други интереси- вели Заев.
Прашан колку условената препорака ќе го отежни спроведувањето на договорот со Грција, Заев одговори дека „ќе остане силно посветен до крај“.
– Со сите аргументи кои ми стојат на располагање ќе докажувам и презентирам дека Договорот со Грција е историски, и дека датумот за почеток на преговори е добро заслужен и ќе биде ефектуиран во јуни 2019 година. Противниците се оние политички фактори во земјата кои, без никаква аргументација, ги негираат придобивките и сакаат да се вратат на авторитарните политики во време кога мнозинството граѓани во нашата земја и во земјите од Западниот Балкан сакаат да им се приклучат на ЕУ и НАТО- вели Заев.
Прашан дали го загрижува тоа што во Грција постои силен отпор и на коалицискиот партнер на премиерот Алексис Ципрас и на опозицијата за тоа да се прифати „македонска нација“ и „македонски јазик“, како што е наведено во договорот, Заев рече дека „фактот што опозициските партии во двете земји се противат на договорот, покажува дека е постигнатр добар компромис“.