Десетина имиња од редовите на СДСМ се разгледуваат како можни кандидати за иден претседател, меѓу нив има Македонци, Албанци, Турци, Срби, за да се пронајде личност што ќе биде најприфатливо и максимално консензуално решение, истакна вчера премиерот Зоран Заев.
Во врска со тоа дали СДСМ ќе оди сам на претседателските избори и дали се прават внатрепартиски анкети и анализи за избор меѓу министрите Радмила Шекеринска, Никола Димитров, Оливер Спасовски и националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски, како што претходно објавија некои од медиумите, Заев кажа дека сѐ уште се оценува како размислуваат граѓаните, како тие би им парирале на кандидатите од противничката страна и се вршат консултации со граѓанскиот сектор.
– Во секој случај, ќе се обидам да разговарам со одредени позициски партии. Но најпрво ќе разговарам во мојата партија, па во коалицијата, потоа да го прошириме опфатот на сите – нагласи премиерот.
Тој истакна дека консензуалниот кандидат не треба да се гледа меѓу него и Али Ахмети и додаде дека тоа треба да биде кандидат на граѓаните, а такви луѓе во Македонија има.
Заев нагласи и дека целта е да се избере кандидат во кој граѓаните ќе видат надеж за земјата и повтори дека тој не планира да учествува на претседателските избори.