Демократијата и слободата на едно општество зависат од слободата на говорот и на медиумите. Република Македонија е демократска земја, во која владее правото и во која целосно се почитуваат слободата на говор и на слободно изразување. Медиумите во земјава треба да работат ослободени од какви било притисоци, да ги информираат граѓаните навремено, точно и без цензура, наведува премиерот Зоран Заев во пораката по повод 3 Мај – Светскиот ден на медиумска слобода.
– Цела деценија во нашата држава новинарите беа злоупотребувани, напаѓани, цензурирани и спречувани во својата работа. Беше потисната основната медиумска слобода. Оваа состојба беше и причина за неинформираноста на голем дел од нашите граѓани со што директно беа загрозени основните темели на нашата демократија. Ние како отворена, транспарентна и демократска влада целосно ја почитуваме слободата на медиумите и укажуваме на важноста медиумите да работат пред сè за граѓаните и во интерес на владеењето на правото и демократијата, а не за нечии лични интереси, истакнува Заев.
Тој на сите новинари во Република Македонија им го честита овој ден и ги поттикнува да работат посветено и одговорно.
– Да ја надградуваме нашата демократија и да ги почитуваме фундаменталните човекови слободи и заедно да можеме достоинствено да кажеме дека сме модерна европска демократска држава, наведува Заев во пораката по повод Светскиот ден на медиумска слобода, објавена на неговата Фејсбук страница.