Ги изедначивме правата и обврските на сите граѓани во државата. Граѓаните не ги делиме на албанско, ромско, македонско, турско, влашко, бошњачко или кое било друго население. Го гледаме низ принципот на правото на еднакавост во севкупното работење и секојдневие на граѓаните во Македонија, рече денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратеничко прашање на Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ, што направиле премиерот и Владата во оваа една и пол година за албанското население во земјава.

– Тоа го гледаме преку рамноправната застапеност низ институциите, интензитетот на вработувањата на граѓаните од помалите етнички заедници, во споредба со интензитетот во последните десет години, е евидентно поголем. Се води грижа да се добие рамноправност во учеството во јавните институции и да се гледа рамноправно во државата низ призмата на рамномерниот регионален развој – рече Заев.

Истакна дека се настојува капиталниот развој во државата да биде подеднакво важен за сите граѓани, и не само етнички каде живеат помалкубројните етнички заедници, туку и за селата наспроти градовите.

– Сите политики настојуваме да бидат максимално рамноправни, од распределување социјална помош, право на културна институција, каде да се лоцираат средства за спортска сала, училиште, градинка, регионални патишта. Има уште многу да се работи, институциите верувам дека ќе бидат повеќе свесни да гледаат на граѓаните како граѓани. Ако продолжиме во овој правец граѓаните од помалите етнички заедници ќе си ја сакаат и ќе ја чувствуваат земјата како своја, и на тој начин обврските подеднакво сите ќе си ги преземеме – рече Заев.

Пратеникот Ѓорчев, реплицирајќи на Заев, рече оти тоа се само декларативни заложби и оти во областите каде што живеат Албанци се чувствува масовен егзодус на иселување од земјава.

– Нема конкретен збор за отчет. Од водоводот во Тетово нема ништо, не е решен проблемот со загадувањето, општина Гостивар каде живеат и Македонци, Албанци, Турци е на црната листа, трпат сите граѓани на Гостивар. Липково нема поддршка од Владата, има егзодус на иселување. Не е решена депонијата во Струга. Во Боговиње, Желино, Пласница, Врапчиште е иста ситуацијата, ништо не е направено во овие општини – рече Ѓорчев.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ рече дека од лажните ветувања на СДСМ трпат и Македонци и Албанци и сите граѓани во земјава.

Во врска со следното прашање од Ѓорчев за полнење кутии на референдумот на 30 септември, Заев рече дека институциите треба да постапат со закон и оти доколку имало такви појави, треба да има казни и одговорност.

– Ниту поддржувам ниту сакам во мојата земја да се случуваат вакви можни, засега инсинуации, поврзани со правото на определбата на граѓаните. Секогаш сум ги осудувал и повторно ги осудувам. И се што е досега пријавено е процесуирано. И уште еднаш апелирам до институциите кои не се под моја надлежност, обвинителства, истражни органи, да постапат по закон, ако сакаме да отстраниме евентуално постоење вакви аномалии во државата- му одговори Заев на Ѓорчев.

Според Заев, референдумот бил дефиниран како консултативен и оти немало никаков мотив да се покажуваат фиктивни бројки.

– Референдумот од наша страна беше дефиниран како консултативен. Не сме имале никаков мотив, ние сакавме само да знаеме, оној граѓанин што одлучил да гласа, да излезе доколку сака да учествува во тоа и да го даде правецот на државата. Зошто би ни било потребно да покажуваме фиктивни бројки. Секој треба да си носи одговорност во државата, посебно за дела поврзани со изборите, каде што врвното демократско право да бираш или да бидеш биран, во овој случај преку референдум, може да биде доведено во прашање. И после ќе се чудиме зошто граѓаните се демотивирани да излегуваат на избори – рече Заев.

Премиерот апелираше до сите институции, особено до МВР, да постапат строго по закон и секаде каде што постојат докази за ваквата работа да има казни и одговорност согласно законот.

Пратеникот Ѓорчев на тоа реплицираше дека еден месец од институциите нема никаква реакција.

– Дали е нормално да имаме одзив 96 проценти од кои 80 отсто гласале само за половина час. Не е нормално 500 ливчиња да бидат уфрлени за половина час. Вие ни велите нормално е гласањето да трае пет секунди. Зборуваме за 50.000 ливчиња за десетици избирачки места. Заклучокот е поразителен за демократијата во Република Македонија – рече Ѓорчев, реагирајќи на одговорот од премиерот Заев.