Премиерот Зоран Заев, денеска и утре ќе оствари работна посета на Грција, придружуван од делегација на Владата, во чиј состав ќе бидат и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Како што соопштија од Владата, Заев ќе учествува на 24-та тркалезна маса со грчката влада во организација на угледниот магазин „Економист“, а ќе има средби и со грчкиот премиер и со грчката претседателка.
На тркалезната маса на „Економист“, на која оваа година доминираат темите за справување со пандемијата предизвикана од ковид-19 и потребата од нови здравствени политики, лекциите од менаџирањето со глобалната здравствена криза и влијанието на глобалната и европската економија, Заев ќе има свое обраќање на панел-дискусијата посветена на Западен Балкан.
Заедно со него, на овој панел, посветен на прашањата за проширувањето на Европската Унија и реформите што треба да се спроведат, како и за трговијата и инвестициите, ќе дискутираат и поранешните претседатели на Црна Гора и Србија, Филип Вујановиќ и Борис Тадиќ, поранешниот премиер на Босна и Херцеговина, Златко Лагумџија, како и поранешната министерка за надворешни работи на Грција и актуелна пратеничка од партијата Нова демократија, Дора Бакојани.
Меѓу најавените учесници на дводневната конференција се и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, министри од грчката влада, меѓу кои се и за надворешни работи, за здравство, за одбрана, за инвестиции, поранешниот претседател на Франција, Франсоа Оланд, шефот на кипарската дипломатија, амбасадорот на САД во Грција и други.
Во агендата на дводневната работна посета на Атина на премиерот Заев, утре е предвиден работен ручек со премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис, на кој му претходи средба со претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу.
Премиерот Заев ќе има и повеќе средби со бизнисмени на конференцијата на „Економист“, како и со претставници на грчката бизнис-заедница.
Битиќи и Димитров за време на оваа дводневна работна посета на Атина ќе остварат средби со свои колеги и други членови на владата на Грција, а Османи ќе оствари работна средба со својот колега, шефот на грчката дипломатија, Никос Дендијас, како прва официјална средба по назначувањето на новата функција.