Премиерот Зоран Заев не сака да прејудицира како ќе гласа Собранието во случај да нема цензус за претстојниот референдум за договорот за името, но повтори дека е убеден во исполнување на цензусот посочувајќи дека нема алтернатива за тоа.
Парламентот ќе носи самостојна одлука, рече Заев одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција за доделување финансиска државна помош на компаниите.
– Ако граѓаните не донесат одлука понатаму продолжуваат институциите. Од тој аспект, не прејудицирам како ќе гласа Парламентот. Сите 120 пратеници може да гласаат за или против, рече Заев.
Премиерот порача дека еднаква одговорност има тој лично како премиер, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, но и сите граѓани.