Изминатиот период се регистрирани неколку смртни случаи на деца од различни држави што играат на Тик ток, односно се предизвикуваат едни со други да се задушуваат додека не останат без свест. Како гледаат на оваа појава експертите, која патем е доста популарна кај најмладите на социјалните мрежи, и што треба да преземат родителите за превенирање од несаканите случувања
ВИДЕОПРЕДИЗВИЦИТЕ СКРИЕНА ОПАСНОСТ ЗА ДЕЦАТА
Десетгодишното девојче од Италија Антонела Сикомеро неодамна почина поради опасниот предизвик на онесвестување . Слична несреќа се случи и со деветгодишно момче од Тринидад, а има сомнежи и дека момче на 10-годишна возраст од Белград исто така починало поради оваа опасна игра што децата ја играат на Тик ток. Во овој предизвик, тиктокерите се предизвикуваат едни со други да се задушуваат самите сѐ додека не останат без свест.
Тој предизвик постои од порано и има различни имиња – „предизвик на онесвестување“ („Passout Challenge“), или „игра на давење“ или „брзинско сонување“ („Speed Dreaming“), a во последно време повторно стана популарен меѓу корисниците. Уште кога се појави, медицинските експерти предупредуваа дека таквото спречување на воздухот може да доведе до оштетување на мозокот, но и дека може да има и смртен исход. Властите во Италија побараа од Тик ток да им го блокира пристапот на оние корисници што не ја потврдуваат својата возраст.
Каде грешат родителите? Како да постапуваат тие и што да прават за да си ги заштитат децата и да не се случуваат вакви несреќи? Имаат ли денешните родители контрола врз своите деца и врз она што го прават? За овие нешта поразговаравме со Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти од здружението „Хармоничен свет“.
– Модерното родителство создаде нови родителски предизвици и персонални граници што можеби не беа познати и карактеристични во минатото, а оттаму се роди и потребата за усвојување на нови родителски вештини. Родителите се првата и основна поддршка на нивните деца, извор на чувството на сигурност и безбедност. Тие се и првата социјализација за детето. Родителите се насочувачи, контролори, воспитни тренери. Доколку родителот не дисциплинира и поставува јасни граници помеѓу дозволеното и недозволеното, развива деца што не прифаќаат „не“, бунтовни се, имаат слаба контрола и непрепознавање на импулсите и емоциите – вели Стефановска.
Од родителите се бара да бидат целосно вклучени и ангажирани во семејната динамика, бидејќи вклученоста е важен сегмент од односот родител – дете.
– Потребно е имплицитно да се вклучат во нивниот свет, како на пример во некоја од видеоигрите и заедно да ја играат, да проследат видеоклипови на Тик ток и заемно да ги дискутираат. Тоа за детето значи: „Ме прифаќаш мене и моите интереси и можеш да ме насочиш во врска со тоа“. Родителите треба да бидат запознаени со активностите на нивните деца на интернет веднаш откога ќе одлучат да на своето дете им ја дадат оваа алатка. Многу е важно родителите да имаат контрола над содржините што ги гледаат децата и ограничување на времето минато на телефон и на таблет. Кога кажав ограничување, сметам дека тоа дете веќе треба да ги има усвоено границите на своето однесување – појаснува психологот Стефановска.
Родителите, според неа, треба да дискутираат со своите деца за тоа кои страници се во ред да ги истражуваат, а кои не се и да имаат јасни правила за активностите на интернет.
– Не секогаш родителот треба да чека да добие информација од самото дете, некогаш треба и самиот да ја пронајде. Постојат родителски апликации како Гугл фемили линк, со чија помош ќе го постигнат тоа. Овде не мислам на тоа родителот да се претвори во некој што ќе ги загрозува индивидуалноста и неговиот интегритет, туку како некој што располагајќи со поголема мудрост од своето дете ќе му ги обезбеди навреме правилната информација и родителската поддршка. Мојата практика покажува дека честопати на децата им е потребна вистинска и реална информација со која не располагаат, а тоа ми дава за право да помислам дека од родителите истата таа не ја бараат. Децата се љубопитни, да не го заборавиме тоа. Родителите треба да бидат отворени со своето дете, за тоа да може слободно да им се обрати доколку нешто го загрижува. Треба да му помогнат на детето да ги развие вештините што му се потребни за да комуницира безбедно на интернет – завршува Стефановска.