Проблемот со загадувањето на воздухот со години останува нерешлива енигма за надлежните институции. Во одредени денови, низ Македонија се регистрира и до десетици пати поголемо загадување на воздухот од дозволените граници за ПМ 10 честичките. Во пакет со пандемијата на ковид-19 загадениот воздух е уште пофатална комбинација, покажуваат истражувањата
КОВИД-19 ИМА МОЌЕН СОЈУЗНИК
Загадувањето на воздухот не нѐ одминува ниту оваа зима, иако се чини како да остана во сенка на пандемијата, како поголемо зло од кое граѓаните најмногу се исплашени. Но поврзаноста на загадениот воздух и коронавирусот уште повеќе загрижува, по сите истражувања и студии што покажаа дека здружени заедно овие два фактора можат да бидат многу поголема причина за смртност. Околу 15 отсто од смртните случаи од ковид-19 би можеле да се должат на загадувањето на воздухот, сметаа научници од Германија и од Кипар, кои објавија студија за можните здравствени корона-ризици од емисиите на издувни гасови. Загадениот воздух за граѓаните станува масовен сериски убиец што им го одзема здравјето, а потоа и животот. Поради енормното високо ниво на загадување, Скопје најчесто беше на врвот на листата на најзагадени градови во светот, а зад него по загадениот воздух не заостануваат и други наши градови. Во одредени денови, во градовите низ Македонија е регистрирано и до десетици пати поголемо загадување на воздухот од дозволените граници за ПМ 10 честичките
Граѓаните, како и невладините организации воопшто не се задоволни од она што досега е направено за да имаме почист воздух, иако, како што велат, за среќа, временските услови зимава биле повеќе наши сојузници, па дождот и ветерот честопати го расчистувале воздухот.
– Помина уште една година во која имавме среќа, покрај глобалната несреќа, да бидеме сведоци на нашето влијание врз природата, односно на нејзиното, сепак, премало и недоволно закрепнување од интервенциите на човекот. Во Македонија воздухот беше поштеден од автозагадување, немаше толку сообраќај, но не и од сите други загадувачи што редовно ги трујат жителите низ целава земја. Продолжија со нелегална сеча на шумското незаштитено богатство, продолжи и трендот на градење мали хидроцентрали, продолжија со работа сите големи загадувачи, РЕК „Битола“ сѐ уште е најголем загадувач во тој регион. Кавадарци ги има малите загадувачи, како и „Фени“. Ние немаме стратегија за наредните 10 до 15 години во кои ќе мораме сите ресурси да ги замениме со други, поинакви. Најголем проблем за Македонија се концесиите за рудници, ништо суштински не е направено ниту се планира да се направи. Потребно е да се зајакне капацитетот на Државниот инспекторат за животна средина, кој сега засега единствено си ја работи работата – вели Марија Костовска од невладината „Скопје бара чист воздух“.
Таа додава дека е потребно да се смени законската регулатива, која е површна, со дупки и лесно манипулативна и да се смени казнената политика, т.е. казните да се зголемат барем за десет пати, а делата да се третираат според Кривичниот закон, а не тој за прекршоци. Според неа, нема други пречки за почист воздух, освен политички, политиката не дава да се мрдне од место, бизниси се во прашање.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање тврдат дека годишните концентрации на ПМ 10 честичките од сите мерни места во државата од 2010 до 2020 година бележат тренд на опаѓање, а дека тоа се должи на преземените мерки од страна на институциите на централно и на локално ниво.
– Концентрациите на ПM 10 во урбаните средини имаат нагласени и еднакви сезонски варијации; концентрациите се високи во периодот декември – јануари. Високите концентрации на ПM 10 во текот на зимата се поврзани со повисоките директни емисии (греење во домаќинствата и административните установи, особено употреба на дрва), но и поради метеоролошките услови што ја ограничуваат дисперзијата на емисиите и ги олеснуваат хемиските реакции со кои се создаваат секундарни честички, како на пример од издувните гасови на возилата. Во текот на зимските месеци типична е појавата на смог во градовите што се наоѓаат во котлините – објаснуваат од ресорното министерство и дополнително укажуваат дека големо влијание врз квалитетот на воздухот имаат и местоположбата на градовите и нивната поставеност во котлина, затоа што при неповолни метеоролошки услови во зимскиот период, односно при намалено струење на атмосферата и појава на температурна инверзија има појава на повеќедневна стабилна атмосферска состојба при што емитираните загадувачки супстанции се акумулираат во долините што придонесува за зголемување на концентрациите на загадувачките супстанции.
На прашањето што се прави за почист воздух, од Министерството за животна средина и просторно планирање посочуваат дека во тек се измени на законската регулатива (Законoт за квалитет на воздухот) при што целта е да се дадат повеќе ингеренции и обврски на локалните самоуправи во правец на изработка на локални планови за намалување на загадувањето и предвидување и преземање краткорочни/интервентни мерки при појава на периоди со алармантно загадување, односно надминување на праговите за алармирање.
– Исто така, се работи на усогласување и измени на законската регулатива во правец на зголемување на санкциите за прекршоци во животната средина. Се мапираат јавни објекти што користат системи за затоплување со нееколошки горива и се врши нивна замена, потоа има зачестени инспекции во соработка со Државниот инспекторат за животна средина, интензивна работа на воспоставување на регионалниот систем за управување со отпад и издигање на јавната свест и едукација – информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање, додавајќи дека работат и на усвојување на европски стандарди за цврсти горива што се користат како енергенти за затоплување (пелети, огревно дрво…), како и дека состојбите со квалитетот на воздухот се следат секојдневно.
Во Програмата за инвестиции во животна средина и во буџетот на Министерството за животна средина и просторно планирање за 2021 година се издвоени 27.457.628 милиони денари за неколку планирани активности.
Од Град Скопје велат дека работат на решавање на проблемот со загадувањето со повеќе стратегии и долгорочни планови кон кои се сериозно посветени.
– Град Скопје презема серија активности и мерки што се во насока на подобрување на состојбата со воздухот – велат од Градот, издвојувајќи ги за најважни добивањето на трајно користење на дистрибутивната топловодна мрежа, како и активностите во насока на градското претпријатие ГЕС. Годинава велат дека се доделени над 5.000 субвенции за набавка на инвертери на граѓаните. Ги акцентираат и позачестени инспекциски контроли на терен, измената на поголем број закони за зголемување на ингеренциите на инспекторите. Работат на предлог-закон за комунална полиција, а наведуваат и дека беа реализирани многу комунални активности, беа изградени паркови и нови енергетско-ефикасни фасади на 13 средни училишта и беа поставени прочистувачи на воздухот во сите.